Како екстремните временски услови ја поскапуваат храната од 2022 година наваму?

Нова студија анализира 16 случаи во светот на директно влијание на временските екстреми за пораст на цените на основните продукти

од desk2
15 прегледи Фотографија: ©European Union, 2021 / Lukasz Kobus

Нова научна анализа покажува како нарушувањата на климата сѐ повеќе ги оптоваруваат глобалните прехранбени системи, предизвикувајќи инфлација и прехранбена несигурност, особено во земјите во развој.

Екстремните временски услови, вклучувајќи ги тука топлотните бранови, сушите и обилните дождови предизвикани од климатските промени, во периодот 2022-2024 значително влијаеја на цените на храната на глобално ниво.

Новата студија објавена во списанието „Environmental Research Letters“ анализира 16 случаи во светот на директно влијание на временските екстреми за пораст на цените на основните продукти: од британскиот компир, италијанските маслинки и јужнокорејската зелка, до западноафриканското какао.

 

Огромни поскапувања диктирани од климата

Основните продукти во последните две години поскапувале неконтролирано, а наглите поскапувања биле регистрирани во периоди кога се појавувале метеоролошки екстреми.

Авторите на студијата податоците ги црпеле од анализата  Copernicus ERA5. Тоа е најновиот и моментално најпрецизниот збир на ре-анализирани климатски податоци на Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ECMWF), развиен во рамките на Copernicus Climate Change Service (C3S) , кој е финансиран од ЕУ. Освен тоа, ги користеле и податоците за врнежите и испарувањето од 1901 до 2023 година.

Азискиот топлински бран во 2024 година предизвикал пораст на цените на оризот и зеленчукот. Сушите во Европа (2022-2023) довеле до поскапување на маслиновото масло во ЕУ за 50%. Екстремните температури во Африка (2024) го погодиле производството на какао, што доведе до глобален пораст на цените на чоколадата. Калифорниската суша (2022) го предизвикала скокот на цените на зеленчукот во САД за 80%.

Азија 2024: Топлинскиот бран со рекордна разлика (до 4°C над историскиот просек) ги погоди Кина, Јужна Кореја, Јапонија и Виетнам. Последици: Цената на зелката во Јужна Кореја порасна за 70% за една година. Оризот во Јапонија поскапе за 48%, делумно поради намалените приноси, а делумно и поради туристичката побарувачка. Цените на зеленчукот во Кина скокнаа за 30% во летните месеци.

Западна Африка 2023–2024: Комбинацијата на долготрајна суша и горештина до 50 Целзиусови степени во Гана и Брегот на Слоновата Коска (каде што се произведува 60 отсто од светското какао) доведе до глобален недостиг на какао и рекордни цени на чоколадата.

Европската суша 2022–2023: Шпанија и Италија, кои заедно произведуваат повеќе од 70 отсто од маслиновото масло во светот, забележаа пад на производството поради недостиг на вода. Цените во ЕУ пораснаа за 50 отсто во една година.

САД 2022: Невидена суша во Калифорнија и Аризона предизвика раст на цените на зеленчукот за 80 отсто.

Фотографија: ©European Union, 2023 / Jennifer Jacquemart

 

Подлабока анализа на причините за растот на цените на храната

Климатските промени ги зголемуваат зачестеноста и интензитетот на екстремните метеоролошки настани, што директно влијае на земјоделското производство. Ел Нињо во 2023–2024 дополително ја влоши ситуацијата, но истражувачите нагласуваат дека долгорочниот тренд е последица на глобалното загревање.

Освен климатските фактори, на цените влијаат и високите трошоци на транспортот (на пр. Етиопија), зголемувањето на побарувачката (на пр. растечкиот туризам во Јапонија ја зголемува побарувачката), геополитичките кризи (војната во Украина, која е житницата на Европа).

Ранливи се и синџирите на снабдување. Продуктите како какаото и кафето се посебно осетливи, оти се произведуваат во тесни географски зони. Еден екстрем може да го поремети целиот глобален синџир. Дополнителни фактори коишто уште ја влошија ситуацијата се војната во Украина, високите трошоци за енергијата и транспортот, како и инфлацијата.

 

Домино ефект, општествени и економски последици

Растот на цените на храната исто така ја зголемува социоекономската нееднаквост бидејќи посиромашните слоеви потешко се прилагодуваат на поскапите цени. Придонесува и за неисхранетост, бидејќи се намалува пристапот до квалитетна и здрава храна.

На крајот, растот на цените на храната може да доведе до социјални немири (пример: Шри Ланка 2022), посебно во осетливите, односно регионите погодени од климатските промени и сиромаштијата.

Зголемената нееднаквост: Посиромашните земји (на пр. Пакистан, Етиопија) потешко се прилагодуваат, поради ограничените ресурси. После сè наброено, доаѓаат уште и здравствените последици, не само во форма на неисхранетост, туку и во други последични здравствени дисбаланси.

Д-р Максимилијан Коц, главен автор на студијата и климатолог од Центарот за суперкомпјутери во Барселона, истакнува дека целта била да се документираат случаите во коишто последиците биле толку очигледни што и без комплексна статистика би било јасно дека екстремното метеоролошко време го предизвикало скокот на цените.

Коц наведува дека производите како кафето и какаото, иако се консумираат глобално, доаѓаат од ограничени производствени региони – што ја зголемува осетливоста на глобалниот пазар на климатските пореметување.

Д-р Јаспер Вершур од Технолошкиот универзитет во Делфт нагласува дека климатските шокови не влијаат само на производството, туку и на монетарната политика, здравјето и геополитичката стабилност.

Слично зборува и д-р Мухамад Рафај Музамил од Пакистан, кој предупредува дека во неговата земја климатските екстреми се преклопуваат со постоечките стопански ранливости. Во тој контекст, повикува на итни вложувања во климатско прилагодување.

„Поскапувањата на храната ја влошуваат нееднаквоста, ги зголемуваат здравствените проблеми и претставуваат политички закани – посебно во државите како Пакистан, коишто се меѓу најранливите во светот“.

Фотографија: European Commission Audiovisual Service / Xavier Lejeune

Оваа студија, истакнуваат авторите, служи како предупредување за сè поголемиот притисок на климатските промени врза глобалната прехранбена безбедност. Потребни се итни вложувања во прилагодување на земјоделството и отпорност на синџирите на снабдување за да се ублажат идните шокови.

Студијата исто така нуди визуелна и аналитичка потврда дека врската помеѓу климатските промени и цените на храната е сѐ појасна. Растечките температури, непредвидливите падежи и сѐ почестите сушни периоди повеќе не се исклучок – тие ги обликуваат глобалната прехранбена безбедност и економската стабилност.

Прашањето повеќе не е дали екстремното време ќе ги зголеми цените на храната, туку колку тоа ќе нѐ чини – во евра, здравје и општествена кохезија.