Во јануари годинава, Ковид-19 ја погоди Италија, која со тоа стана првата европска станица на смртоносниот пат на коронавирусот во светот. Денес ситуацијата е многу поинаква.
„Здравствениот систем на Италија потклекнува поради коронавирусот“, напиша Њујорк Тајмс во март, а германски „Билд“ опиша морничави конвои на воени камиони кои ги превезуваа мртвите на гробиштата.
Глобалниот шок поради трагичната судбина на Италија беше придружен со чувство на супериорност: неорганизирани Италијанци не знаат како да се справат со криза, но ние би знаеле што да правиме во таква ситуација.
Шест месеци подоцна, Италијанците не само што успеаја да ја донесат стапката на инфекција на ниво на најуспешните во борбата против вирусот – Германија и Финска, туку може да се мерат и со ниската стапка на смртност.
Италија сега се чини дека подобро се справува со вториот бран отколку многу други европски земји.
Генерално бележи помалку од 1.500 новозаразени во изминатата недела, што е далеку помалку од 10.000 во Шпанија и Франција и 6.000 во Велика Британија.
Транспортот е само една област во која Италија постигнува одлични резултати. Римскиот аеродром „Фјумичино“ неодамна беше првиот во светот што доби пет sвезди на списокот на најчисти аеродроми во пандемијата на вирусот.
Експерименталното тестирање на патници на аеродромот, каде резултатите би биле достапни пред да се качите во авионот, ќе биде продолжено доколку се покаже успешно. Патниците кои пристигнале на други аеродроми, железнички станици и пристаништа веќе можат да бидат тестирани за корона.
Оваа недела, Италија одржа референдум за намалување на бројот на членови на парламентот, со примена на сите безбедносни мерки, со гласање на скоро две третини од гласачкото тело во некои области.
Новиот коронавирус пристигна во Италија на крајот на јануари, два случаи беа потврдени на 31 јануари, па владата ги затвори училиштата и универзитетите. Неколку дена подоцна, премиерот Џузепе Конте воведе карантин на широко подрачје на северот на земјата, но залудно.
– Кога беше објавен карантин на север, илјадници луѓе отидоа на југ, истовремено требаше да се воведе карантин во целата земја – вели за „Форин полиси“ Марк Лоу, кој живее во Италија веќе 25 години.
Така, до 22 март земјата имаше речиси 60.000 заразени, фабриките беа затворени, работеа само аптеки и супермаркети, но страдањата продолжија – на 26 март, 712 лица починаа од вирусот, а следниот ден уште 919.
Италија се чинеше осудена на пропаст, и покрај романсите преку терасите. Сепак, половина година подоцна, за 14 дена, забележа само 34 заразени на 100.000 жители, значително помалку од Шпанија (311) и Франција (193) во истиот период.
Како успеаја Италијанците да се извлечат од канџите на смртта за само неколку месеци? Лоу вели дека владата и луѓето изненадувачки брзо се прилагодиле на ситуацијата.
– Ова беше вонредна состојба и бидејќи Италија беше прва европска земја погодена од инфекцијата, немаше модел што може да се примени … Владата воведе драконски мерки, но ги применуваше многу успешно – посочува тој.
Се разбира, многу стигнаа премногу доцна и првично беа премногу благи, а регионалните здравствени власти и вирусолози имаа различни мислења. Сепак, владата постапи храбро, вклучувајќи ја и одлуката од минатиот месец да носи маски на отворено, каде социјалното дистанцирање не е можно.
Во првите денови многу непослушни луѓе беа казнети со парична казна. Лу вели дека издржливоста на „обичните“ Италијанци е исто така важен фактор. Формирана е мрежа на неформални иницијативи, кои на крајот беа поуспешни од она што беше направено во подобро организирани земји, објаснува Британецот. Тука спаѓаат луѓе што купувале намирници за стари лица, карабинери во локалните власти го сторија истото и им носеа пензии на постарите граѓани.
– Во нашата земја, луѓето ги разбираат регулативите како совет, наместо обврзувачки правила, а почитувањето на правилата стана нешто што се зема здраво за готово веднаш штом луѓето ќе ја видат сериозноста на проблемот – изјави за „Форин полиси“ генерал Виченцо Кампорини, поранешен началник на ГШ на Италија.
Повеќето други земји не сакаат да воведат карантин и да ја затворат земјата.
Кога луѓето ќе почувствуваат дека доброволно ги следат правилата, има помалку искушение дека ќе бидат непослушни од презир кон властите. Во извесна смисла, ваквиот начин на размислување ги поврзува Италијанците и Швеѓаните во пандемијата.