Како изгледа државата во која половина од населението прими втора доза на вакцина?

од Stefanija Kuzmanovska
392 прегледи

Израел, светски шампион во имунизација против коронавирусот, успеа да вакцинира скоро 50 отсто од својата популација со најмалку една доза за само неколку месеци. Скоро четири милиони луѓе од вкупно девет ги примија двете дози.

Додека бележеше повеќе од 7.000 инфекции на ден во силниот трет бран, Израел сега има околу 1.500 заразени на дневна основа. Неодамнешните податоци за морбидитет претставуваат драматично подобрување во последните два месеци, припишано на во голема мера на успешната кампања за вакцинација.

Поради поволната епидемиолошка состојба, Израелците имаат можност да почувствуваат вкус на „нормалност“ по една година строги ограничувања. Се отвораат кафулиња, ресторани и барови, како и свечени сали, спортски сали, хотели и училишта. Се разгледува и укинувањето на обврската за носење маски.

Владата е решена да ги укине сите епидемиолошки мерки до крајот на април.

Отворено, но за вакцинирани
Првиот бран на отворање се појави на 7 март, благодарение на системот „зелена пропусница“. Рестораните и кафулињата започнаа со работа, но во нив може да бидат послужени само оние со „зелена пропусница“, односно потврда за вакцинација или присуство на антитела. Само терасите на локалите се достапни на невакцинираните.

Вакцинираните студенти се вратија во колеџите, додека хотелските сали, спортските центри и храмовите повторно се отворија за носителите на пропусниците, со ограничен капацитет за прием.

Деца на возраст под 16 години не се вакцинирани, па затоа им се забранети активности што одат со „зелена пропусница“.

Брзи тестови за невакцинираните
Што се однесува до невакцинираните, за нив е дизајнирана друга програма, која ќе започне наскоро. Здравствените власти се согласија на планот да понудат брзи тестови на коронавирус, како дел од системот „зелена пропусница“, почнувајќи од 21 март.

Брзото тестирање дава резултати во неколку минути и ќе им овозможи на компаниите, рестораните и културните и други центри да примаат невакцинирани лица. Во случај на позитивен резултат од тестот, тие нема да можат да влезат во објектот и ќе треба подоцна да бидат повторно тестирани за вирусот.

Забранет влез за странци
Иако на Израелците им е дозволен влез во земјата, под строги услови, границите се уште се целосно затворени за странски државјани.

Влез за странци е дозволен само во исклучителни случаи и со претходно доставено барање.

Пијалоци и храна за вакцинација
Со цел да привлечат што повеќе луѓе за вакцинирање, Израелците смислуваат креативни решенија. Така, во некои кафулиња се поставени пунктови за вакцинација, а бесплатни пијалоци ги чекаат оние што ќе се решат да ја примат вакцината.

На овој потег се одлучија и некои ресторани кои обезбедуваат бесплатни оброци за оние кои ќе се решат да се вакцинираат.

Слични содржини