„Немаме претстава како тоа можеше да се случи“. Ова било реакцијата на израелските власти денеска кога биле запрашани од новинар на Би-Би-Си како со сите нивни неограничени ресурси израелските разузнавачи не го предвиделе овој напад.
Десетици вооружени палестински борци успеаја да ја преминат силно утврдената граница меѓу Израел и Појасот Газа, додека илјадници ракети беа истрелани од Газа кон Израел.
Со заедничките напори на Шин Бет, израелската служба за внатрешна безбедност, Мосад, странското разузнавање и сите ресурси на израелските одбранбени сили, навистина е зачудувачки што никој не можеше да го предвиди ова.
Или ако предвиделе, да не преземат ништо по тоа прашање.
Израел ги има веројатно најсеопфатните и најдобро финансираните разузнавачки служби на Блискиот Исток.
Тој има доушници и агенти во палестинските милитантни групи, исто како во Либан, Сирија и други земји.
Во минатото, тој извршуваше точно темпирани атентати на воени лидери, знаејќи ги нивните најинтимни движења.
Понекогаш нападите беа извршени со беспилотни летала, откако агентите ќе постават GPS тракер на автомобилот на една личност; понекогаш во минатото користеле дури и експлодирачки мобилни телефони.
На теренот, насекаде по тесната гранична ограда меѓу Газа и Израел се поставени камери, сензори за движење на теренот и редовни воени патроли.
Оградата од бодликава жица на врвот требаше да биде „паметна бариера“ и да го спречи токму оној вид на инфилтрација што се случи во овој напад.
А сепак, милитантите на Хамас успеаја да го пробијат, да ја исечат оградата или да влезат во Израел по море и со параглајдер.
За да се подготви и изврши таков координиран, комплексен напад кој вклучува складирање и истрелување на илјадници ракети, токму под носот на Израелците, морало да биде неопходно извонредно ниво на оперативна безбедност од страна на Хамас.
Не е изненадувачки што израелските медиуми ги испрашуваат воените и политичките лидери на земјата за тоа како сето ова би можело да се случи, на педесетгодишнината од уште еден ненадеен напад на израелските непријатели од тоа време: Војната во Јом Кипур од октомври 1973 година.
Израелските власти навеле дека е започната масовна истрага и дека прашањата, како што истакнуваат, „ќе се поставуваат со години“.
Но, во моментов Израел има поважни приоритети.
Тој мора да ја запре и да ја одбие инфилтрацијата преку јужната граница, да ги отстрани оние милитанти на Хамас кои воспоставија контрола врз неколку населени места на израелската страна од граничната ограда.
Тој ќе мора да се справи со проблемите на оние кои се заробени, или со вооружена акција за спасување или со преговори.
И можеби најголемата грижа на Израел е ова: Како да се спречат другите да одговорат на повиците на Хамас за вооружување и да се избегне ширењето на огнот на Западниот Брег и можеби дури и привлекувањето тешко вооружени борци на Хезболах преку неговата северна граница со Либан?