Како Југославија ги победи големите сипаници

од Stefanija Kuzmanovska
273 прегледи

И додека балканските земји некако се справуваат со кризата предизвикана од коронавирусот, постарите генерации се потсетија дека тие веќе искусиле карантин и мониторинг на контакт – кога нивната поранешна комунистичка татковина на Југославија ја надмина последната европска инфекција на големи сипаници пред 50 години, пренесува „Алџезира Балканс“.

Југословенските здравствени власти тогаш успеаја да вакцинираат 18 милиони луѓе за само неколку недели и да го задржат бројот на жртвите под 40.

За некои, ваквата ефикасност поттикна носталгијата за социјалистичките времиња, особено затоа што времето на коронавирусот се совпадна со 40-годишнината од смртта на Јосип Броз Тито.

„Некои го сакаа социјализмот, некои не, но сите веруваа во здравствениот систем. Никој не ги доведуваше во прашање одлуките на лекарите и сите сакаа да се вакцинираат“, вели српскиот епидемиолог Зоран Радовановиќ, кој се бореше против заразата со големите сипаници во 1972 година.

Поткопување на довербата

Денес, довербата во медицината се поткопува од распространетото „антиваксерско“ движење.

„Не“ за вакцина не беше опција во времето на Тито. Тој беше на чело на Југославија кога косовски Албанец се зарази на патување во Ирак и ги внесе големите сипаници во земјата.

Бидејќи вирусот не бил виден уште од 1930 година, локалните лекари не ги поврзале веднаш симптомите, треска, главоболка, замор, осип и плускавци со големите сипаници.

Кога се разбра за што станува збор, комунистичката државна машинерија на Тито тргна во акција. Властите поставија карантини во хотели и кампови и наредија масовна вакцинација на населението.

„Војската, полицијата и сите лекари беа вклучени во потрагата по заразените и во вакцинирањето“, се сеќава пензионираниот виролог Ана Глигиќ.

Масовно вакцинирање

Гордана Вукмировиќ, 75-годишен пензиониран економист, се сеќава на медицинскиот тим од локалната болница кој дошол во нејзината канцеларија за да ги вакцинира сите вработени.

„И покрај тоа, животот беше нормален, одевме на работа, функционираше градскиот превоз, работеа продавниците“, рече таа.

Следењето контакти беше исто така робусно. Само во Белград повеќе од 3000 лица биле интервјуирани, според податоците на Светската здравствена организација.

По три месеци битката била добиена. Имало вкупно 175 заразени, а 35 починати. Заразата не се пренела преку југословенските граници.

Гледајќи наназад, лекарите го пофалија Тито што не се појавувал многу во јавноста за време на кризата. Но, како и за другите работи, тој донесувал одлуки.

„Тито беше тој што требаше да одобри јавно да прогласиме епидемијата и му требаа три дена да го стори тоа. Во меѓувреме ние ги стававме лушето во карантин, но не смеевме да им кажеме зошто“, рече Радовановиќ.

 

Слични содржини