Додека се чека одговорот дали ќе има или не зголемување на платите, се наметнува прашањето како ќе се зголемат платите кога голем дел од компаниите немаат пари да ги исплатат сегашните? Од бизнис секторот велат дека многу компании се борат со ликвидноста поради доцнењето на плаќањата од купувачите и немаат пари да исплатат плати. Во економијата се е поврзано ако доцнат добавувачите ќе доцни производството, ако доцни плаќањето ќе доцнат платите.
Економистите велат дека постои контрадикторност помеѓу барањето за зголемување на платите и реалните состојби во компаниите.
-Многу малку се зборува за реалните состојби во економијата. Треба да се поттикнат јавните трошења преку капитални инвестиции и проекти во општините за да се зголеми бројот на работници и потрошувачката. Најголема причина за намалување на потрошувачката се зголемените цени, што влијае и врз приходите на комапниите. Иселувањето на луѓето од државата е уште еден фактор кој придонесува за намалување на бројот на купувачи и на потрошувачката. Еден од проблемите за намалената потрошувачка е и геополитичката опасноста поради што луѓето помалку трошат, а повеќе штедат. Владее една таква психоза која влијае на намалување на трошењето, вели за „Локално“, Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија.
Според него, дел од компаниите навистина немаат пари да исплатата плати, но дел тактизираат. Но, радува фактот што нема отпуштање на работници, бидејќи се надеваат на заживување на економијата.
– Парите од унгарскиот кредит ако добро се потрошат ќе придонесат за заживување на економијата. Очекувам 100 отсто реализација на 250 милиони евра кои беа наманети за општините. Преку реализација на проекти може да се поттикне економската активност во општините. Постои голем интерес за унгарскиот кредит и од компаниите, а особено од малите и средните компании кои поднеле највеќе барања за инвестиции. Со овие проекти се очекува заживување пред се на градежниот сектор, а тоа тоа ќе ја поттикне потрошувачката и ќе ги заживее другите сегменти во економијата, смета Бошков.
Доцнењето на платите во повеќе сектори е поради кризата во Германија која е наш најголем трговски партнер. Од бизнис секторот сметаат дека ако во наредниот период продолжи да се влошува економската состојба во Европа, тогаш ќе се зголеми и бројот на компании кои нема да исплаќаат плати и кои ќе отпуштаат работници.
Б.С.
Фото: Ленка