Анонимни хакери ги објавиле личните податоци на 1.000 белоруски полицајци како одмазда за насилството врз учесниците во демонстрациите против претседателот Александар Лукашенко, додека најмалку 100.000 луѓе вчера излегле на улиците на нов масовен протест.
„Како што апсењата продолжуваат, така и понатаму масовно ќе објавуваме податоци“, се вели во соопштението објавено од опозицискиот информативен канал „Нексета лајв“ на апликацијата „Телеграм“.
„Никој нема да остане анонимен, дури ни под маска“.
Каналот Нексета, популарен меѓу демонстрантите по објавувањето случаи на полициска бруталност, побарал од гледачите да помогнат да се потврди точноста на списокот, но и да се утврдат нови детали.
„Ако знаете факти и злосторства на одредени лица на списокот, како и информации за нивниот приватен живот (адреси, телефонски броеви, регистрациски броеви, чудни навики, љубовници), пишете“, објавил Нексета.
Уапсените демонстранти и нивните семејства ја обвинуваат владата во Минск за заплашување, тортура, силувања, па дури и убиства.
На 1 септември, Обединетите нации објавија дека добиле повеќе од 450 пријави за кршење на човековите права од белоруската полиција само во август.
„Тие повеќе нема да можат да нè апсат и тепаат скриени зад маски“, изјавил за Нексета учесничка во протестот, која се претставила како Ана, коментирајќи го објавувањето на имињата на полицајците.
Владата најави дека ќе ги најде и казни одговорните за објавувањето лични податоци.
„Силите, средствата и технологиите достапни на полицијата овозможуваат идентификување и гонење на повеќето од оние кои се виновни за објавување лични податоци на Интернет“, соопштила Олга Чемоданова, портпарол на Министерството за внатрешни работи.