Технологијата која ја користат автономните автомобили се подобрува од ден на ден, но сепак сме многу далеку од денот кога „возилата без возач“ ќе можат целосно да го заменат човекот на возачкото седиште.
Една од најсложените задачи кои стојат како пречка пред производителите на автомобили е на полето на технологијата, односно да се реши проблемот на интеракција на автомобилот со околината, а не само со останатите автомобили во сообраќајот.
Застанувањето на црвено светло на семафорот и препознавањето на сообраќајните знаци се релативно лесна задачи, но проблемите настануваат кога автономниот автомобил треба да ги „прочита“ намерите на пешаците или пак наредбите од сообраќајните полицајци.
Компанијата Waymo, која Google ја основаше за потребите на развој и тестирање на технологијата на автономните автомобили, работи токму на овој проблем и засега покажува значителен напредок. Целта на компанијата е да направи автомобилот да препознае полицаец на улицата, а потоа адекватно да реагира на неговата команда.
Овој јануари автомобилот на Waymo успешно го помина тестот за интеракција со полицаец. Прототипот на Waymo застана кога полицаецот ја покажа палката со знак STOP, а потоа продолжи кога му беше даден знак дека може да продолжи да се движи во сообраќајот.
Постои вистинска дебата околу безбедноста на автономните возила, кои на хартија би требало да функционираат совршено, но праксата кажува многу поинакви приказни. На пример, во ноември минатата година еден автомобил на Tesla беше забележан како се движи со брзина од 110 км/ч, со вклучен десен трепкач. Кога полицијата отиде да ја истражи ситуацијата, забележа дека возачот лежи заспан на возачкото седиште, а автомобилот се движи со поставената брзина, на претходно одредена рута.
Првиот човек на Tesla, Елон Маск, изјави дека неговата компанија напорно ќе работи да го отстрани овој проблем, односно да го направи автомобилот „попаметен, а не само побрз“. Со функцијата на која работи Tesla во моментов, автомобилот самиот ќе се паркира и изгаси ако забележи дека возачот е заспан.