Повеќе време за подготовка и луѓе кои се придржуваат кон мерките и помогнаа на Португалија да го сузбие ширењето на коронавирусот. Оваа земја има значително различна стапка на инфекција и смртност од „Ковид-19“ во споредба со Шпанија, една од најтешко погодените земји.
Пулмологот д-р Филипе Фрос, советник на шефицата на јавното здравство Граса Фреитас, рече дека Португалија имала корист од заостанување зад Мадрид во однос на ширењето на вирусот.

Ова, додаде тој, им дало на земјата време да ги подготват болниците и да го зголемат капацитетот во единиците за интензивна нега.
– Разликата е во тоа што имавме повеќе време да се подготвиме. Сметаме дека сме три недели зад Италија и можеби една недела и половина зад Шпанија, така што ова ни даде време, драгоцени денови да се подготвиме. Мислам дека главната разлика беше раното вклучување на лекарите – рече тој, пренесува „Еуроњуз“.
Португалија прогласи вонредна состојба на 18 март, само два дена откако беше забележана првата смрт од Ковид-19.
Досега Португалија потврди 16.934 случаи на коронавирус, а 535 лица починале.
Во Шпанија, бројот на починати надмина 18.000, што значи дека има 385 смртни случаи на милиони луѓе во таа земја.
Стапката на инфекција во Мадрид е исто така двојно поголема во однос на Лисабон, иако може да се влоши во зависност од тоа колку тестирања прави една земја.
Во Португалија, 88 проценти од заразените остануваат дома во изолација и немаат потреба од болничко лекување.
„Болниците не се пренатрупани и ние имаме повеќе време и подобри установи за да ги следиме критичните пациенти во хируршките единици“, рекла Фреитас.
Исто така, португалскиот службеник Едуардо Кабрита истакнал дека граѓаните покажале „невиден граѓански долг“ во согласност со прописите на владата.
Сепак, властите стравуваат дека вирусот може да се шири брзо во домовите за старите лица.