Кога агентите на американската ФБИ во септември 2015 година откриле дека компјутерите на Демократскиот национален комитет (ДНЦ) биле хакирани, знаеле точно за кого се работи. Веќе имале работа со таа сајбер-шпионажа поврзана со руската влада, на која дале прекар „Dukes” (војвода на англиски).
Имено, ФБИ веќе со години пред тоа се обидувал да ги исфрли овие хакери од некласифицираниот е-маил систем на Белата куќа, Стејт Департментот, дури и врховниот воен орган Joint Chiefs of Staff, чиј компјутерски систем е еден од најдобро заштитените.
Но, како што пишува Њујорк Тајмс, ова бил прв знак за нова кампања на сајбер-шпионажата и информатичката војна со цел за влијание на претседателските избори во 2016 година, што е прв таков обид од странска сила во американската историја. Според заклучоците на американските разузнавачки служби, тоа што почнало како собирање на информации се претворило во обид да се наштети на еден кандидат, Хилари Клинтон, а да се помогне на другиот, Доналд Трамп.
Истрагата на Њујорк Тајмс, кој разговараше со десетици мети на хакерски напади, со разузнавачки агенти кои ги истражувале овие напади и со членови на администрацијата на претседателот Барак Обама, утврди низа пропуштени сигнали, премногу бавни реакции и потценување на сериозноста на кампањата која на крај се покажа успешна.
Премногу доцна реагирале на нападот
ДНЦ неумешно и премногу доцна реагирал на предупредувањата на ФБИ, додека Белата куќа пропуштила одлучно да одговори на рускиот сајбер напад, кој на тој начин поминал неказнето. Руските хакери благодарение на воздражаната реакција можеле речиси седум месеци слободно да копаат по мрежата на ДНЦ пред да бидат предупредени неговите највисоки функционери, а потоа ангажирале сајбер експерти подобро да го заштитат системот. Хакерите во меѓувреме веќе преминале на приватната е-маил адреса на директорот на ДНЦ Џон Подеста.
Ни Подеста, кој во 2014 година напишал извештај за сајбер приватноста за Обама, на почетокот не ја сфатил тежината на хакирањето.
Кога ова лето доверливи документи и приватни меилови на Подеста и други високо рангирани демократи почнале да излегуваат на Викиликс и други страници, веќе било доцна.
Трамп восхитено ги читал на своите предизборни митинзи, знаејќи колку му одат во корист.
Последните денови Трамп, две големи партии и разузнавачки служби, водат јавна дебата околу тоа кои се точно докази дека рускиот претседател Владимир Путин наредил на своите служби да преминат од вообичаената шпионажа на операција за поткопување на американската демократија и одредувањето на идниот претседател.
Многу соработници на Клинтон се убедени дека руското хакирање имаше значително влијание на изборите, но признаваат дека и други фактори помогнале на Трамп: слабоста на Клинтон како кандидат, скандалот со нејзиниот е-маил сервер, како и објавата на директорот на ФБИ за продолжување на истрагата за тој скандал.
За Трамп откритието на разузнавачките служби е смешно
Но, колку и да имала влијание, јасно е дека Русија го искористила оружјето кое веќе претходно го тестирала во Украина и во други европски држави. За земја со ослабено стопанство, сајбер-нападот се покажа како совршено оружје: евтино, а тешко за откривање и утврдување на чинителот.
Секако, Русија не е единствена која го користи ова оружје. САД и самите вршеа сајбер напади, а CIA во последните неколку децении се обидуваше или успеа да ги наруши повеќекратните избори во странски држави. Но, рускиот напад се толкува како историски пресврт, со исклучок на новоизбраниот претседател Трамп, кој го отфрли откритието на разузнавачките служби како „смешно”, инсистирајќи дека „немаат поим” кој всушност стои зад нападот.
Трамп притоа се повика на судири меѓу ФБИ и ЦИА, околу правиот мотив на нападот. Додека ФБИ смета дека мотивот на Путин бил само да се наруши демократскиот процес, ЦИА е убедена дека мотив бил изборот на Трамп за претседател.
Индекс – Загреб