Страхиња Стојановиќ (30), кој беше убиен во експлозија на бомба поставена под неговиот автомобил во Нов Белград во неделата, е познат на јавноста веќе неколку години по исклучително необичната биографија, од која најконтроверзните детали се однесуваат на неговата наводна поврзаност со многу тешки кривични дела, пренесе „Нова.рс“.

Така, до денес останува нејасно како Стојановиќ успеа да ја избегне обвинителната клупа во случајот со убиството на Милош Видаковиќ во Будва во 2013 година, за што тој, како и другите учесници во тоа злосторство, беше обвинет од сведокот на обвинителството, Милош Војновиќ. Исто така, остана нејасно како човекот, кој беше осомничен во врска со необјаснетата егзекуција на адвокатот Драгослав Мишо Огњановиќ, непречено шеташе низ Србија, но и во земјите од регионот.
Името на Стојановиќ првпат го слушна пошироката српска јавност кога сведокот на обвинителството Милош Војновиќ го идентификуваше како директен издавач на наредби за убиството на Милош Видаковиќ во 2013 година. Пред неколку години, за време на судењето за убиството на Видаковиќ и Никола Бојовиќ во Специјалниот суд во Белград, Војновиќ призна дека го убил Милош, велејќи дека ликвидацијата ја нарачал токму Стојановиќ, кој бил кум со жртвата и не биле во добри односи.
Интересно е што обвинителот поверувал во сè што рекол Војновиќ, а кој воедно беше и главниот адут на обвинителството во оваа постапка, освен во тоа што Стојановиќ бил нарачателот на кривичното дело. Така, тој беше сослушан само како сведок, кога негирал каква било поврзаност со злосторството.
Неговата ДНК била пронајдена и на пиштол, панцирот и лаптопот во станот во кој престојувале членовите на групата пред убиството на Видаковиќ, а се уште не е познато како тој успеал да ја избегне обвинителната клупа.
Фотографиите прикажани за време на судењето за убиството на Видаковиќ и Бојовиќ исто така докажале дека тврдењата на Војновиќ имале покритие. Меѓу другото, на нив се гледало дека групата обвинета за злосторства во деновите околу ликвидацијата на Видаковиќ во станот во Будва ја посетил Стојановиќ, но и еден од водачите на навивачите на Црвена Звезда, Урош Мишиќ, кој исто така „избегна“ да биде обвинет.
Покрај споменатото дело, Стојановиќ во повеќе наврати беше споменуван и како лице осомничено за ликвидацијата на познатиот адвокат Драгослав Мишо Огњановиќ, кој беше убиен во чекалната на крајот на јули 2018 година на Бежанијска коса.
Медиумите постојано наведуваа дека Стојановиќ бил првоосомничен за време на истрагата за ова дело, наведувајќи дека тој наводно бил задолжен за следење на убиениот адвокат. Сепак, и покрај овие шпекулации, колку што е запознаена јавноста, Стојановиќ никогаш не бил испрашуван за можните информации што ги има.
Иако бил осомничен за две убиства, па дури и преживеа еден атентат, во изминатите години, Стојановиќ шеташе слободно низ Србија, но и во Шпанија, Турција и други земји, за што сведочат бројни фотографии.
Прашањето е дали Стојановиќ всушност само се опуштил во претходниот период и со тоа направил грешка која го чинела живот, или сепак имал заштита.
Да потсетиме, Страхиња Стојановиќ беше убиен во неделата околу 12.15 часот во Нов Белград, додека неговата придружничка, колумбиската државјанка Соња Суарез Гомез, беше полесно повредена во експлозија на џип, откако непознат сторител го активирал експлозивот со далечински управувач.
Се сомнева дека ликвидацијата на Стојановиќ е одмазда за убиството на адвокатот Драгослав Мишо Огњановиќ. Убиениот Огњановиќ бил адвокат на семејството Бојовиќ.