Не стивнуваат реакциите после чествувањето на годишнината од роденденот на најголемиот македонски револуционер Гоце Делчев. Министерството за надворешни работи на Бугарија го оцени како понижувачки и неприфатлив односот на македонските власти кон бугарските граѓани кои дојдоа на границата со цел да оддадат почит на гробот на Гоце Делчев, иако со навреди и понижувачки тонови се однесуваа кон македонската полиција. Претседателот Стево Пендаровски денеска изјави дека односите меѓу двете земји се влошуваат и дека чествувањето на Делчев непотребно е искористено за подигање на тензии. „Сите што сакаа да присуствуваат беа добредојдени, но оние што се обидоа да ја нападнат полицијата заработија прекршочни пријави и депортација. Секоја европска држава тоа го прави на идентичен начин“, рече Пендаровски.
Останува прашањето што понатаму во односите после турбулентниот викенд. Дали се најавува заострување на односите? Поранешниот амбасадор во Бугарија и дипломат од кариера, Марјан Ѓорчев во разговор за „Локално“ изјави дека нашата држава одлучи се справи со безбедноста на 4-ти февруари и покажа зрелост.
-За секоја работа најважна е подготовката. Мислам дека претходните неколку месеци, отворањето на клубовите, тензичната атмосфера, прославата на Мара Бунева, отворањето на новиот бугарски центар во центарот на Скопје, сето тоа допринесе Македонија дека мора да се подготви и да биде енергична и да си ги спроведе законите на земјата согласно Уставот. Оттука активноста на органите на редот и мирот беше на висина на задачата и си ја завршија работата, вели Ѓорче.
Тој е зачуден од реакцијата на бугарските политичари кои што добро знаат дека било која провокација од бугарски граѓани или наши граѓани во Бугарија.
-Се знае дека чуварите на редот и мирот не смеат да бидат навредувани и провоцирани. На крајот на краиштата, тоа е нивната функција. Од моја гледна точка Македонија за првпат покажа зрелост, подготвеност да одговори на задачите. Тоа се големи искушенија и во иднина сите мерки, рече поранешниот амбасадор.
Според него, особено ќе биде важно на 16-ти февруари кога истекува рокот кога треба да се променат имињата на бугарските културни клубови.
-Тука треба Македонија да дејствува енергично, јасно и одговорно согласно Уставот затоа што никако не оди Македонија да биде поврзана со фашизам. Нашата земја е создадена врз антифашистичка борба и основата АСНОМ. Имињата на тие клубови се олицетворение на нацизмот и фашизмот. Ќе биде многу важно Македонија да ја разреши таа противречност на еден брз и ефикасен начин. Да ги извести бугарските органи дека дејствува согласниот нашиот Устав и дека Законот за здруженија и фондации е донесен во Собранието и само така можеме правовремено да оставиме впечаток кај македонските граѓани дека навистина си ја штитиме и браниме татковината, потенцира соговорникот.
На прашањето што понатаму, Ѓорчев вели дека лично познавајќи ги односите долго време, оценува дека таа вековна бугарска стратегија не се менува преку ноќ.
-Секогаш била остра и никогаш не била изменета, само ние сме се залажувале дека во одредени моменти на затишје пред бура, дека тие ќе бидат чувствителни, емоционални и дека ќе ја разберат нашата состојба. Во односот на Бугарија кон Македонија владее сила и интерес. Бугарија е посилна и постара држава и многу понационална определена и во тој контекст ќе има сериозни притисоци ако не се одважиме во преговори со нив и отворено им кажеме „ако нешто е пречка, секој проблем има решение. Ако проблемот нема решение, тогаш нема ни проблем“, ни рече дипломатот.
Нагласува дека главниот проблем е Договорот за добрососедство и пријателство.
-Тој е штетен по нашите интереси, има клаузули за заедничка историја, проблем со непризнавањето на јазикот, асиметрија во основа на фундаменталните човекови права. Таков начин на деградирање на македонската држава не оди во прилог на нив. Мислам дека тоа ќе продолжи. 60 години е така и ништо не се менува. Интензитетот некогаш варира, некогаш е повисок, некогаш е понизок, меѓутоа јасно е дека Бугарија нема да остапи од своите национални интереси. Тестот е колку сме подготвени околу промената на имињата на бугарските клубови. Ние сме држава која е на страна на антифашистичката борба. Сржта на Уставот е АСНОМ, дециден е Ѓорчев.
За самиот ден 4-ти февруари, аналитичарот Ненад Јовановиќ вели дека помина пристојно и нормално, како што личи и како што му прилега на еден Европски народ. Тензиите кои се очекуваа, појаснува тој во разговор за „Локално“, тоа партикуларно хистеризирање, провоцирање, требаше да дојдат од една, поточно од две адреси: бугарското ВМРО во синхронизација со нашето, домашното ВМРО.
-Полицијата, а на сите полиции на светот тоа им е во описот на работните задачи: да го брани и чува јавниот ред и мир. Па, така, само им ги затвори патиштата на пресретнување, таа фонтана на омраза и агресија, и затоа се помина во најдобар ред. А ова го знам, затоа што многу индикативен показател ми беа изјавите на Мицкоски: кога шепка, кога е тивок и депресивен пред микрофон, знаеш батице дека во некоја беља е фатен и разоружан. Десните конзервативни струи се бељаџиски, конфликтни и блокирачки. Ама тоа е сосема друго прашање. Да бидам прецизен: министерот Спасовски заврши одлична работа, порачува Јовановиќ.
Тој очекува да се работи на нормализација во односите, како и до сега.
-Да престанеме да ги користиме нашите различни индентитетски особености за кошкања и провоцирања. На никому тоа нема да донесе добро. Ниту на нам Македонците, а ниту на Бугарите. Имаме многу поважни теми за разговор: инфраструктура, културно, медиумско-граѓанско поврзување, економска соработка, тоа се вистински и важни теми. Од овие теми се живее, овите теми им се единствено важни и корисни на граѓаните на двете земји, оценува соговорникот.
На прашањето дали очекува ново вето од официјална Софија, Јовановиќ се надева и посакува да продолжиме да работиме сите заедно за нормализација во односите.
-Многу е полесно да ги расипеме односите отколку секојдневно да се трудиме и да работиме на подобрување на нашата комуникација. Изгубивме премногу вереме во бесмислени кошкања. Верувам дека и Бугарите разбираат дека овие идентитетски војни се сосема бесмислени и контрапродуктивни за двете земји. Само соработка светот го спасува, анализира аналитичарот.
Н.П.