Калајџиев: Не се пресудуваат 12 години затвор само со наративот „Сашо е лош“, треба и докази

од Stefanija Kuzmanovska
302 прегледи

Судењето за предметот „Таргет-Тврдина“ не докажа цврсто, издржано и без сомнежи кој го нареди и изведе незаконското масовно прислушување на граѓаните во Македонија, а овој напад што сега се случива од највисоките државни функционери врз судиите во Апелациониот суд е во најмала рака непримерен и ќе влијае и на натамошниот тек на постапката, вели професорот по кривично право Гордан Калајџиев во разговор за „Слободен печат“.

Според професорот, нападот од најодговорните и највисоките политичари со многу тешки обвиненија за криминал и корупција врз судот е во најмала рака непримерен, не само затоа што се работи на необјавена, неправосилна пресуда со што се криши принципот на презумпција на невиност, туку и затоа што со овој наратив ќе се доведе во прашање и натамошниот тек на постапката, со оглед на големиот јавен притисок врз судиите.

-Ваквиот начин воопшто не е фер. Деновиве ги слушаме критиките од САД за криминал и корупција во институциите и сега функционерите се обидуваат тој криминал и корупција да го свалат само врз судот, а токму извршната власт прави притисоци и влијанија врз судовите, што со непополнување на празните места, што со недоволен буџет за ефикасна работа итн. Не е фер ниту професионално да се коментира кога никој се уште не ја видел судската одлуката. Судската работа е сложена, овој предмет е обемен, особено е сложен и треба добро да се проучи за да се изнесе став. Не со навивање или со создадена атмосфера „сите знаеме дека Сашо Мијалков е лош, па ајде да го ставиме во затвор“. Не се прави така во серизни држави, вели Калајџиев .

Не е невозможно дека Мијалков ги поткупил судиите, додава Калајџиев, сосема е можно, но тоа треба да се докаже.

Слични содржини