Трагедијата во Кочани е изразито болна и потресна за целото општество и секоја истрага која следува по таков инцидент треба да биде внимателно водена, со цел да се откријат сите околности кои довеле до овој катастрофален исход. Сметам дека досегашната истрага, во рамките на можностите на надлежните органи, оди по правилен пат, но тоа не значи дека не постојат критики или области кои заслужуваат повеќе внимание. Пред сè, постои загриженост за транспарентноста на процесот – потребно е да има повеќе информации и јасност во однос на чекорите кои се преземаат, вели во коментар за „Локално“ адвокатот Јасмин Калач, говорејќи за досегашниот тек од истрагата за еден од најобемните случаи и една од најголемите трагедии во Македонија.
Според него, доколку постојат пропусти или запоставување на било кој дел од истрагата, како што се неопфатени лица, тоа треба да се провери. Секоја фаза на истрагата треба да биде отворена за јавноста, со цел да се гарантира доверба во правосудниот систем и институциите. Исто така мислам дека е потребна поголема координација помеѓу ЈО и МВР.
-Како адвокат, мојот став е дека истрагата треба да биде објективна и опсежна и да ги опфати сите можни аспекти на случајот, без каква било селективност или фаворизирање на одредени личности или групи. Доколку постојат индиции дека не се истражуваат сите вклучени или дека се игнорираат значајни делови од настанот, тоа би бил сериозен пропуст кој не само што ги загрозува принципите на правдата, туку и ја намалува довербата во институциите. Без разлика на тоа дали се работи за сопственици на објектот, административни или безбедносни органи, или пак, други вклучени субјекти, сите треба да бидат третирани подеднакво, со цел да се утврди целосната вистина. Правдата бара подеднакво внимание за сите елементи на случајот и тоа не смее да се занемари, дециден е Калач околу мислењето на одреден дел од јавноста дека селективно се води истрагата, односно не ги опфаќа сите инволвирани.
Во црните датуми на трагедии во Македонија се додаде 16-ти март. Само во последните 6 години, во несреќата на автобусот на „Дурмо Турс“ во Ласкарци, Модуларната болница во Тетово, автобусот на „Беса Транс“ во Бугарија, а пред неколку денови и во диско клубот во Кочани, згаснаа вкупно 134 животи. Запрашан дали очекува и ова да биде „секое чудо за три дена“ и се да продолжи по старо, адвокатот вели дека најголемиот страв на граѓаните е дека трагедиите како оваа ќе бидат заборавени по краток временски период, како што се случи со други инциденти во минатото.
-За жал, овој стереотип е поткрепен од искуствата од претходни случаи, каде што, по извесен период, не се преземени конкретни мерки кои би довеле до трајни промени. Сепак, мора да се надеваме и да се заложиме дека оваа трагедија нема да биде уште една заборавена и несреќна случка, туку ќе доведе до вистински промени во безбедноста, законодавството и контролата врз јавните објекти. Истражните органи и институциите мора да преземат конкретни и долгорочни мерки, како што се ревизија на безбедносните стандарди и засилување на инспекциите, објаснува соговорникот.
Додава дека ако не се преземат вакви мерки, тогаш ризикуваме да имаме уште една пропуштена прилика да научиме нешто од минатото и да ја гарантираме безбедноста на нашите сограѓани.
-Одговорноста на сите институции е да се осигура дека трагедии од овој вид не се случат повторно, а тоа се постигнува со сериозна и темелна истрага, како и со реални и долгорочни мерки кои ќе обезбедат сигурност и заштита на животите на сите граѓани. Како адвокат, сметам дека процесот на правда мора да биде транспарентен и да не дозволи селективност во истрагата. Само така, општеството ќе има доверба во правосудниот систем и ќе можеме да изградиме посигурна и поквалитетна иднина, нагласува Калач.
Истрагата во којашто се опфатени 34 лица е опсежна и сè уште не е завршена. Владата со апел да им се дозволи на органите да ја завршат постапката, темелно и правично. Иако се поминати седум дена од трагедијата, јавноста е нетрпелива и очекува повеќе информации, но и побрзо процесуирање на предметот. Адвокатот Јанаки Митровски очекува истрагата да заврши најдоцна до јуни, со оглед на обемот на предметот, големиот број на жртви и осомничени кои што имаат адвокати и право на одбрана. Има забелешка како поранешните директори на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) се осомничени, а сегашните не се.
Револт и гнев за трагедијата од Кочани ги предизвика граѓаните вчера на протест во Скопје, но и во неколку други градови низ Македонија. Во главниот град собирот почна во 19 часот. Од Плоштадот „Македонија“ во организација на иницијативата „Кој е следен?“ протестниот марш продолжи кон Собранието и потоа кон Владата. Со 16-минутен молк се оддаде почите на настраданите. Присутните пред Собранието скандираа: „Убијци“, „Системот е следен“,„Доста беше смрт”, „Секој еден, може да е следен”…Додека кога поминуваа покрај Градската болница во центарот на Скопје ги поздравија медицинските работници, со аплауз и скандирање „Вие сте херои“.
Милена Јаневска од граѓанското движење „Кој е следен?“ изјави дека очекуваат транспарентност од истражните органи и поддршка од медиумите, како и одговорност од сите поврзани со кочанската и сите претходни трагедии. -На улица сме зашто треба да се слушне гласот на народот, секој револт на граѓаните е оправдан, нагласи Јаневска.
На собирот од движењето поставија и конкретни барања. Првото е транспарентно да се објави целата документација поврзана со работењето на клубот „Пулс“ од неговото отворање до несреќата. Да се објави документацијата од Државниот пазарен инспекторат, Министерство за eкономија, Државнниот радежен инспекторат, Министерство за внатрешни работи, Државниот инспекторат за урбанизам, локална самоуправа во Кочани, локалниот градежен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување и Управата за јави приходи.
Н.П.