Четворица кандидати за највисоката функција во судската фела го минаа филтерот на Советот на јавни обвинители. Од трката отпадна поранешниот кривичен судија Владимир Панчевски. Сега на потег е Владата. Ќе одлучува чие име ќе адресира до Собранието кое треба да го избере новиот државен обвинител. Сепак, еден од кандидатите веќе отпадна од трката, иако официјалниот список се уште не дошол до „Илинденска бр.2“, како што рече вчера премиерот Христијан Мицкоски. Toj посочи дека меѓу нив не е и бившата обвинителка од СЈО, Ленче Ристоска. Ги употреби зборовите „не е во игра“.
Дел од јавноста оценува дека на овој начин, премиерот самиот си избира фаворит. Според универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев, за жал, законот ѝ дава на Владата право да си предложи свој фаворит, а за последниот збор, само формално да го има Собранието.
-Тоа (Собранието) може да не го избере кандидатот на владата, што знаеме нема да се случи, вели Калајџиев во изјава за „Локално“.
Како што истакнува професорот, оваа влада нема вистински концепт за решавање на проблемите во правосудството.
-Од самиот почеток решението го гледа себично во поставување на свои луѓе на битни позиции со цел да оствари влијание и контрола врз судството. Конечно, со предлогот за државен јавен обвинител сите карти ќе се отворат, истакнува Калајџиев.
За кандидатите чии имиња треба да стигнат до Владата, а потоа и Собранието, професорот вели дека обвинителката Раичевиќ и судијата Савески се вистинските луѓе за ова место, а в.д. државната обвинителка Тополова-Исајловска дека е нескриен фаворит на ВМРО-ДПМНЕ.
-Ја спомнавте Ленче, она си има некоја своја агенда која мене не ми е многу јасна, оценува професорот.
Три обвинителки и еден судија го минаа филтерот на Советот на јавните обвинители за највисоката функција во фелата. Позитивни мислењата добија обвинителката во Еуроправда, Ленче Ристоска, судијата за организиран криминал и корупција Ненад Савески (поранешен обвинител), обвинителката Лидија Раичевиќ и на в.д. Државната обвинителка Анита Тополова-Исајловска. Сега на потег е Владата која треба да селектира еден кандидат и да го достави до Собранието на гласање.
Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски испадна од трката бидејќи, по видување на Советот не го исполнил условот за непрекинат стаж.
Обвинителката Ристоска веќе го коментираше ставот на премиерот. Вели дека кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат.
Со реакција се јавија и од двете најголеми партии. СДСМ оценува дека промената на јавниот обвинител беше политичка цел на Мицкоски за воспоставување целосна контрола врз судството и обвинителството. Сега гo гледаме сценариото за изборот на нов јавен обвинител по мерка на Мицкоски, посочуваат од оваа партија. „Тој одлучува кој ќе биде назначен“. „Иако Ристоска доби максимални 10 од 10 поени од Советот на јавни обвинители и позитивна оценка за својата професионалност и стручност. Мицкоски сам одлучува дека таа „не е во игра“, во живо, на телевизија“, забележуваат, меѓу другото, од „Бихаќка“.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Ристоска мора да е свесна дека има јасни критериуми за таа позиција и дека ако таа е навикната подобноста да е еден од нив, како што тоа беше во СЈО каде таа беше десна рака на Јанева, тоа овој пат не е случај“. Според најголемата владејачка партија, ова се други времиња и потребни се интегритет, професионалност, одговорност“. „И за крај порачуваме барем да биде реална и искрена, и додека говори јавно за подобност и критериуми, и глуми, барем да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Не е ова СДС и СЈО. Тоа време помина“, велат од „Белата палата“.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари 2026 година. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Државен јавен обвинител се бира со 61 глас од пратениците.
Н.П.