Универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев оценува дека не било возможно екс-премиерот Артан Груби да биде уапсен на граничниот премин „Блаце“.
-Груби не можел да биде приведен при преминување на границата без судска одлука. Полициските мерки како “стоп листа” или распис се во спротивност со Уставот и ЗКП, објави Калајџиев на социјалните мрежи.
Автомобил со дипломатски регистерски таблички преминал од Македонија во Косово, веднаш откако американскиот Стејт департмент го вклучи поранешниот втор човек на владата во Скопје, Артан Груби, на црната листа на лица кои ја поткопуваат стабилноста на Балканот. Обвинителството истражува случај за измама проценета на осум милиони евра. Пред Груби, на сличен начин од Македонија побегна и поранешниот премиер Никола Груевски.
Според премиерот Христијан Мицкоски, Груби заедно со почесниот конзул на Косово, Арсим Папранику ја напуштиле македонската територија со автомобил со дипломатски таблички.
Министерството за внатрешни работи распиша потерници по Груби и поранешниот шеф на „Лотарија“, Прпарим Бајрами, а на списокот осомничени се и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот владин секретар Методија Димовски.
Потерниците беа распишани еден ден откако обвинителството соопшти дека Груби и Бајрами не можат да се најдат на нивните домашни адреси, а неколку часа подоцна судот во Скопје им одреди мерка притвор во отсуство во траење од еден месец.
Груби е еден од најблиските соработници и често најекспониран функционер на Демократската унија за интеграција на Али Ахмети. Тој беше втор човек на владата во Скопје од 2020 година до изборите на почетокот на оваа година, кога коалицијата на социјалдемократите и интегративците ја загубија власта.
Груби веднаш по објавувањето на новата црна листа напиша дека оваа одлука „лично го погодила“, бидејќи животот го посветил на промоција на западните вредности и интеграција на земјата во ЕУ и НАТО.
Како што изјави, ја напуштил Македонија користејќи свои документи и откако го известил полициското обезбедување.
„Кога ќе завршам со обврските, ќе се вратам дома“, напиша Груби на Фејсбук.
Скопското обвинителство на почетокот на неделата покрена истражна постапка против две лица поради основано сомнение дека извршиле измама и уште четири неименувани лица поради злоупотреба на службената положба. Севкупно, обвинителството соопшти дека штетата врз државната „Лотарија“ е проценета на околу осум милиони евра.
Американскиот Стејт департмент на 10 ноември го вклучи Груби и апелацискиот судија, Енвер Беџети на „црната листа“ за примање мито за време на судењето на поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.
Груби не е првиот македонски функционер кој побегнал од правдата преку граница со дипломатски автомобил.
Поранешниот македонски премиер Никола Груевски од Албанија влезе во Црна Гора со автомобил што го користеле унгарски дипломати, соопшти полицијата во Тирана на крајот на ноември 2016 година.
Албанската полиција тогаш тврдеше дека по Груевски добила потерница два дена откако поранешниот премиер на Македонија ја напуштил територијата на таа земја.
Поранешниот македонски премиер ја напушти Албанија на 11 ноември во 19:11 часот преку граничниот премин Божај, каде на полицијата и ја покажал својата македонска лична карта. Во тој момент по Груевски немаше распишана потерница, па албанската полиција немаше причина да го приведе поранешниот премиер.
Потерницата на Интерпол по Груевски е распишана два дена откако Груевски ја напушти Албанија и преку Србија отпатува за Унгарија.
Албанија, Црна Гора и Србија, одговарајќи на обвинувањата на Скопје дека му овозможиле на Груевски да избега, објаснија дека во времето кога минувал низ тие земји, по него не била распишана меѓународна потерница.
Груевски во Македонија е осуден на две години затвор за наводна злоупотреба на службената должност при одлучувањето да купи блиндиран „мерцедес“ со што го оштетил буџетот за 600.000 евра. Оттогаш Груевски живее во Будимпешта.
Македонските власти распишаа потерница по Груевски кога поранешниот македонски премиер веќе беше во Унгарија.