Внатрешен дел што може да прими 350 лица, 300 мажи и 50 жени и надворешени дел од околу 16 хектари со голем плоштад, фонтана, детско игралиште со лулашки, ќе има џамијата во Атина, чија што изградба се наоѓа во финална фаза, според Јоргос Калаѕис, генералниот секретар за религија во Министерството за образование и религија на Грција.
Тој во разговор за МИА објаснува дека работите околу изградбата и на внатрешниот и на надворешниот простор се наоѓаат во последна фаза и според градежната компанија, на почетокот на месецов ќе се завршат, но тоа не значи дека џамијата ќе биде веднаш отворена.
– Ќе видиме кога точно ќе се отвори, бидејќи не се само градежните работи, туку и прашањата поврзани со персоналот во џамијата за да може да функционира потребно е да се решат прашањата со хигиената, секојдневното функционирање, со обезбедувањето. Првпат како држава преземаме да направиме нешто такво, немаме слично искуство. Секако, завршена е процедурата за вработување на имам. Претпоставувам за овие работи, како и што е секогаш, ќе биде потребно некое време. Дали ќе биде потребно еден месец, 20 дена, два месеци, ќе видиме. Размислуваме, токму затоа што немаме такво искуство, да почнеме со пробна работа на џамијата, колку е можно побргу, да провериме грешки, проблеми, некои работи што сме пропуштиле, а потоа да одиме кон целосно и нормално функционирење, вели генералниот секретар во Министерството за образование и религија на Грција во разговор со дописничката на МИА од Атина.
Во грчките медиуми беше објавено дека Мохамед Заки од Мароко, кој има завршено теолошки студии и пред 25 години дошол во Грција како економски мигрант, е избран за имам. Калаѕис вели дека изборот го направил управниот одбор на џамијата, а тие како Министерство ќе ја почитуваат одлуката.
– Имамот не го одбира Министерството за образование, туку е избран од управниот одбор на џамијата во кој учествуваат муслимани, а во овој процес учествуваа и религиозни работници односно имами од џамиите во Атина. Тие го избраа, името го предложија до Министерството за образование и ние ќе го почитуваме нивниот избор и ќе го назначиме тој имам, објаснува генералниот секретар во грчкото министерство.
За бројот на Муслимани кои живеат во Атина, Калаѕис вели дека според нивните информации тие се нешто повеќе од 200 илјади.
– Видете, земјата нема статистички податоци што се однесуваат на религијата. Кога се спроведуваат пописи на секои 10 години нема прашање за религијата. Но, имаме слика, индиректно, од различни други извори, секако и од засегнатите, според кои најверојатно, бројката на муслимани во Атина, без да бидат вклучени и пресметани и бегалците кои неодамна дојдоа, е околу 205 илјади, вели Калаѕис.
Верниците од муслиманска вероисповед кои жиеат во Атина користат импровизирани простории за молитви, од кои само пет се легални, со дозвола од Министерството за образование и религија на Грција. Генералниот секретар вели дека „за муслиманите не важи нешто поразлично од она што важи за останатите, односно за сите важи истиот закон во однос на просторите за молитви“.
– Во овој момент постојат пет легални џамии во Атина. Муслиманите дојдоа во Министерството за образование, ги доставија потребните документи со кои покажуваат дека просторот е безбеден и добија дозвола. Останатите никогаш не дојдоа да побараат дозвола и најдоа различни решенија и ова за сега се толерира од грчката држава. Истото важи за сите. Не се само муслиманите што имаат простории за молитви. И други имаат простории и други имаат проблеми. Но, само за Муслиманите, грчката држава одлучи да одвои пари за да изгради џамија. Ова не го направи ниту за Христијаните, ниту за Евреите, ниту за Будистите, ниту за некој друг, вели за МИА генералниот секретар од грчкото Министерство.
Во однос на тоа дали изградбата на џамијата задоцни, Калаѕис објаснува дека постојат многу фактори кои влијаеја со оглед на тоа дека станува збор за проект финансиран од државата и се оди чекор по чекор. Тој додава дека законот беше изгласан во 2006, но оттогаш во Грција се одржаа избори во 2007, 2009, 2012 и 2015 што ја пролонгираа изградбата, а како пример го споменува новиот музеј на Акропол кој се отвори со големо задоцнување