Бивши бугарски МНР за „Локално“: Предлогот е фер компромис – не им се допаѓа на одредени кругови во Македонија и Бугарија

од Nikola Popovski

За време на своето претседавање, Франција направи голем чекор кон забрзување на процесот на проширување и започнување на преговорите за членство со Република Северна Македонија и Албанија. Предлогот е очигледно еднакво фер компромис – не им се допаѓа на одредени кругови и во Бугарија и во Република Северна Македонија, но тој е остварлив и максимално го опишува компромисот што двете страни можат да го постигнат, вели во разговор за „Локално“ Ивајло Калфин, поранешен бугарски министер за надворешни работи и актуелен извршен директор на Европската фондација за подобрување на условите за живот и работа „Eurofound“.

Калфин смета дека Европа врши одреден притисок врз Македонија, колку што е посветена на перспективата за проширување на Балканот, но тој притисок е врз процедурите и во потрага по динамика на овој процес, не толку врз содржината на предлогот.

-Содржината на крајот зависи од двете страни. Доколку некој од нив не се согласува и гледа повеќе придобивки за себе отколку проблеми, очигледно овој текст нема да биде прифатлив. Но, за мене тоа би било штета, бидејќи ако не ја искористиме волјата на Европа за проширување, ќе дојде денот кога тој апетит ќе исчезне. Според мене, овој предлог може да го отвори патот за преговори без да се тврди дека ќе ги реши сите билатерални прашања. Но, да не заборавиме дека гледајќи ја историјата, ја доведуваме во прашање иднината на младите генерации, објаснува Калфин.

Во однос на протестите во земјава против францускиот предлог, поранешен шеф на бугарската дипломатија вели дека неговото искуство од Бугарија покажува понекогаш насилството на протестите се организира и има за цел поголемо внимание.

-Очигледно е дека во вашата земја и надвор од неа има луѓе кои не сакаат да ја видат Македонија како членка на ЕУ. Тие ќе бараат каква било можност да се мешаат во овој процес. Еден од принципите во ЕУ е потрагата по средната точка на националните и европските интереси. Национализмот само ја свртува вагата на една страна. Затоа не може да се гради заеднички европски дом со националисти. На крајот, прашање на избор на граѓаните е кого ќе преферираат – оној што ги отвора вратите и сите можности на ЕУ, најразвиената и демократска заедница или изборот што ја опкружува државата со непробојни огради и ја изолира од Европа. Тоа е изборот. Од луѓето не се бара да можат, тие не се должни да читаат меѓународни документи. За тоа служат политичарите да им објаснат, прецизира Калфин.

Заврши претседавањето на Франција со ЕУ, а според Калфин, со тоа се затвори прозорецот за проширување во моментов.

-За време на француското претседателство, повеќе договор може да се бара и во ЕУ, каде желбата за проширување не е огромна. Ова ќе биде потешко за Чешка. Но, сепак ако Франција придонесе Бугарија и Република Северна Македонија да постигнат договор и го штити заедничкиот текст, е тоа е веќе голем чекор напред, дециден е поранешниот бугарски министер за надворешни работи.

Бугарија најверојатно влегува во нова политичка криза, но Калфин смета дека тоа нема да има големо влијание во однос на евентуалното прифаќање или неприфаќање на францускиот предлог од страна на Македонија.

-Ако националистите се вратат на власт во Бугарија, позицијата на Бугарија ќе биде засилена. Се потпирам на фактот дека постои политички консензус меѓу главните партии за поддршка на проширувањето на ЕУ на Балканот. Оттаму, штом има општа согласност со властите во Скопје, Бугарија целосно ќе соработува. Практично, бугарскиот парламент го поддржа предлогот на француското претседателство. Доколку биде прифатен во Скопје, секоја нова влада, вклучително и официјална (не само преодна), мора да го спроведе, посочува тој.

Калфин оценува дека може да дојде до разделување на пакетот Албанија и Македонија, односно Албанија сама да продолжи на европскиот пат, доколку нашата земја не го прифати францускиот предлог.

-Најверојатно ќе дојде до разделување. Нема логика двете земји да бидат зависни една од друга. Јас и сега не гледам причина преговорите со Албанија да се одложат, порачува поранешниот шеф на бугарската дипломатија.

Н.П.

Слични содржини