Калкулации за изборите: „Ако власта прифати двојни избори ќе им фрли чамец за спасување на ДУИ и Ахмети“

ДУИ посакува двојни избори: „Од локални теми наративот ќе се префрли на национални и патриотски“

од Nikola Popovski
746 прегледи

Иако до локалните избори има осум месеци, веќе почнаа превирањата во албанскиот политички блок. Се упатуваат критики за учеството во владините институции, законот за јазиците, бегството на Артан Груби…Од ВЛЕН сметаат дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети подготвува терен за бојкот на локалните избори и тврдат дека екс-вицепремиерот Артан Груби од бегство и далечина управува со партијата и стои позади таквата идеја. Од друга страна, претседателот на партијата од Мала Речица во четвртокот порача дека прифатливо за него е само доколку се оди на предвремени парламентарни избори и оттаму предложил да се одржат во октомври, заедно со локалните.

Калкулации за локалните избори

Според аналитичарите, нема да биде изненадување резултатите од минатогодишните парламентарните избори да се пресликаат и на локалните избори, особено со разликата што ја направија партиите. Според Бесим Небиу, во услови кога ВМРО-ДПМНЕ е доминантна во македонскиот блок, додека односот меѓу двете опции во албанскиот блок е врамнотежен, како што е случајот во моментов  – гласовите на етничките Македонци можат да бидат пресудни во средините каде албанците се мнозинзтво, како што се Тетово, Гостивар, Чаир, итн.

Бесим Небиу

-Во таа ситуација, ДУИ може да се соочи со тежок и деморализирачки пораз, со оглед на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ најверојатно ќе ги подржи кандидатите на ВЛЕН што ја прави победата на кандидатите на ВЛЕН многу веројатна во повеќето градови со албанско мнозинство. Таков пораз би создал ситуација каде дел од гласачкото тело на ДУИ кое е традиционално клиентелизирано, би почнало да губи доверба и надеж дека ДУИ во брзо време ќе се врати на власт – што е главниот начин на кој оваа партија го одржува својот гласач, порачува Небиу во разговор за „Локално“.

Околу евентуално спојување на локални со предвремени парламентарни избори како што бара Ахмети, аналитичарот објаснува дека овие динамики би се промениле односно целииот изборен есап и наратив би претрпил измена од локални избори на национални и патриотски теми, што секако е епилог кој ДУИ сака да го предизвика, објаснува соговорникот и додава дека реализација на вакви прогнози зависи од проценката на премиерот Христијан Мицкоски, односно неговата одлука дали „сака да му фрли чамец за спасување на ДУИ и Ахмети или не“.

За универзитетскиот професор и аналитичар, Башким Селмани, ако гледаме од реална перспектива, ваквите односи и комуникација меѓу политичките партии не се во согласност со интересите на граѓаните, а таквата комуникација или пропаганда преку медиумите не е во интерес на ниту една политичка партија. Оценува дека ваквите сценарија можеби им се познати на субјектите, но за граѓаните ваквите обвинувања се од мала важност, бидејќи секој ден граѓаните се посиромашни и живеат со повисока инфлација.

Башким Селмани

Смета дека евентуален бојкот од страна на партијата од Мала Речица е екстремно однесување, но, не верува дека би се случило.

-Ваквите чекори може да зависат од тоа дали Уставниот суд ќе го укине Законот за јазиците, објаснува Селмани во изјава за „Локално“.

Во однос на барањата на ДУИ за повлекување од државните институции, профоесорот истакнува дека за нас граѓаните тоа е сериозна работа, доколку се искрени во тоа што го бараат.

-Предвремени избори кај албанскиот блок се неопходни затоа што двете страни се во право, а речиси цел мандат не можат да се изјаснат, заборавајќи на проблемите на граѓаните. Никој конкретно не може да го предвиди исходот од избори во тој случај, но едно е сигурно: јавниот долг и сиромаштијата се неколку чекори пред политичките партии и концентрацијата на Владата, заклучува Селмани.

Ахмети повторно ја разбрани политичката сцена откако од Липково потсети на подготвенителната седница на Уставниот суд за Законот за јазиците која треба да се случи овој месец. „Ако се засегнe законот за јазици, нема локални избори и не може да се постават гласачки кутии за да се одржат локални избори. Затоа, секој Албанец мора да стане господар на законот за јазици и да не го политизира, ниту да го проблематизира“, изјави претседателот на ДУИ на партиски собир. ДУИ се незадоволни и од тоа што е одлучено да има подготвителна седница бидејќи смета дека тоа е продолжување на процесот за укинување на законот.

Во ВЛЕН пак ги набројуваат аферите кои ДУИ ги имаше додека беа на власт. За местени тендери, давање на концесии на блиски до ДУИ, Влен со прашање дали партијата на Ахмети е подготвена да се соочи со одговорност.  И додека Европскиот фронт ги смета ВЛЕН за нелегитимни претставници на граѓаните во власта, од владејачката коалиција порачуваат дека ДУИ треба да се реформира, но и дека фронтот ќе го напуштат покрај Мендух Тачи и други пратеници.

Во 2024 година, Македонија доби нова Влада, а до крајот на 2025 година ќе добие и друга локална власт. Градоначалниците на 80 општини и Градот Скопје започнаа да ги „трчаат“ последните месеци од мандатот. Поголем дел од партиите, но и поединци, меѓу нив и актуелни градоначалници, и покрај завршувањето на парламентарните избори, не ја запреа кампањата и постојано се присутни, како на традиционалните медиуми, така и на социјалните мрежи. „Теренот“ е постојано актуелен.

Н.П.

Слични содржини