Изборот за вд претседател на Врховниот суд е во завршна фаза, потврди, претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.
„Процедурата е во завршна фаза, останува само тестот за интегритет и психолошкиот тест. Очекуваме наскоро да биде завршен изборот, бидејќи мандатот на сегашниот претседател истекува во среда“, изјави Камбовски.
Тој додаде дека пролонгирањето на изборот е поради големиот број кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители, на кои им бил даден приоритет.
Во однос на закажаната седница на Судскиот совет за утре кога е и собраниската расправа, Камбовски негираше дека е свикана со цел да се избегне присуството на одредени членови, истакнувајќи дека нејзиното одржување нема да пречи на собраниската седница.
„Ако некој од колегите сака да оди во Собранието, ќе ја прекинеме седницата и ќе го почекаме да се врати“, нагласи тој.
Камбовски додаде дека проблемите во судството нема целосно да се решат со изборот на нови судии, но ќе бидат ублажени.
,,Ни требаат уште судии во основните судови. Со ова го ублажуваме проблемот, но не го решаваме целосно“, додаде тој.
Во однос на интерпелацијата на одредени членови, Камбовски изјави дека тоа е нивен личен избор и дека не може да зборува во нивно име.