Кривичниот суд издал упатен акт за бизнисменот Јордан Камчев за издржување на затворската казна од една година која ја доби со направената спогодба за случајот „Империја“. Судот не открил каде и од кога ќе почне да ја издржува казната.
Повеќе информации се најавени во текот на утрешниот ден.
Истрагата за случајот „Империја“ по три и пол години заврши неодамна и резултираше со замрзнување на имотот на фирми поврзани со Камчев и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Камчев се спогоди за делото злоупотреба на службената положба и овластување.
Дел од спогодбата е и враќање во државниот буџет на 5,2 милиони евра, кои Камчев преку една од своите фирми ги уплатил во УЈП на 26 април односно набргу по постигната спогодба. Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска пред неколку дена соопшти дека Камчев подигнал кредит за да ги врати предвидените пари.