Соединетите Американски Држави ја проширија својата црна листа со санкции за лица од Македонија, обвинувајќи го бизнисменот Јордан Камчев, за вмешаност во корупција, вклучително и поткуп на владин функционер. Се наведува дека неговите „коруптивни дејствија ја нарушиле довербата на јавноста и го поткопале интегритетот на судскиот сектор и владеењето на правото во Северна Македонија и придонеле за лична корист на Камчев“. Портпаролот на Стејт департментот Метју Милер најави дека САД ќе продолжат да промовираат одговорност за поединци и ентитети кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција. Ставањето на Камчев на црната листа е само продолжение откако претходно за „персона нон грата“ беше прогласен градоначалникот на Струга, Рамис Мерко, а минатата година и поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Во текот на вчерашниот ден имаше најави од Вашингтон дека ќе има нова црна листа со 19 функционери од Западен Балкан, меѓу нив и од Македонија.
Со се поголемиот ангажман на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, се добива впечаток дека се стега обрачот околу високата корупција во Македонија. Сепак дел од домашната експертска јавност порачува дека мораме „домашната задача“ сами да си ја завршиме. Професорот на Правниот факултет, Борче Давитковски во разговор за „Локално“ вели дека корупцијата во нашата држава зазема размери на ендемска состојба, што значи дека ако сами не се избориме со истата (да се има политичка волја да се справиме со неа), никој не може да не присили да ја укинеме оваа незаконска состојба.
Колку повеќе органи формираме за борба против корупција(ДКСК, ЈО, Финансиска полиција, МВР, вицепремиер и други), се чини дека таа постојано се зголемува!?, констатира Давитковски.
Ова што САД ги ставија на црна листа некои наши политичари и бизнисмени, вели Давитковски, значи само опомена на носителите на власта дека час поскоро треба сериозно да ја сфатат состојбата и еднаш засекогаш да почнат вистински да се борат против ова општествено зло. Очекува да стават и бивши и сегашни носители во владата.
Би било многу лошо доколку ова сериозно не се сфати, бидејќи може и целиот народ и држава да ја добијат придавката корумпирана,со што нашата држава да стане еден од ретките темни вилаети со кои демократските држави не би сакале да имаат никакви односи, оценува професорот.
За случајот со струшкиот градоначалник Мерко, Давитковски смета не се сфаќа сериозно бидејќи ништо конкретно не се превзема, па затоа како што тврди, не сме далеку од можноста целокупната држава да трпиме последици, кои што се применуваат кон државите кои сериозно не ги сфаќаат предупредувањата од развиените демократски држави како САД, но и од земјите на ЕУ.
Изгледа трпението и инвестициите што ги вложија во борбата против ова зло, им доаѓа крајот. Се плашам само граѓаните на нашата држава на свој грб да не ги почуствуваат последиците од ваквите предупредувања и укажувања, истакнува соговорникот.
Од друга страна универзитетскиот професор по кривично право, Гордан Калајџиев е зачуден од ваквата последна одлука на САД. Во краткиот разговор за „Локално“ порача дека „фокусот е на приватен бизнисмен, а не на ДУИ или други политичари“.
Ми смрди нешто тука. Барем да кажеа каде се парите од торбата Луј Витон, потенцира Калајџиев.
Додава дека „Орце Камчев си го одлежал своето“ и дека „сигурно не е најголемиот криминалец“.
И адвокатот Владо Бангиевски е со став дека САД и ЕУ сфатија дека „институционално не сме способни да се справиме со т.н. крупен криминал односно организиран криминал, иако формиравме и Специјално обвинителство во врска со прислушуваните разговори кое имаше слична задача“.
Мојот став е секогаш ист кога се работи за обврските на државата, а една од нив е справување со криминалот од секаков вид! Институционалниот капацитет на државата мора да јакне се до ниво да, ниеден поединец или група во земјава не биде посилен од било која државна институција! Тоа не значи етатизам! – Никако, посочува Бангиевски за „Локално“
Како што тврди, тоа значи моќ на спроведување на законот.
Ако институциите ја немаат таа моќ, или пак таа моќ е мала – тогаш државата е институционално слаба и подложна на игнорирање од страна на поединци кои стекнале одредена финансиска или било каква друга моќ, заклучува адвокатот.
Н.П.