Вчера Државната изборна комисија (ДИК) го утврди редоследот на учесниците на локалните избори на гласачкото ливче.
До четврток (23 септември) на полноќ ДИК треба да ја објави Единствената листа на кандидати.
Распоредот на кандидатите на гласачкото ливче со жрепка беше утврден вчера на седница на ДИК, а поради актуелната ситуација со ковид-19, не беа присутни претставниците од политичките партии, коалициите и групите избирачи.
Партиите настапуваат самостојно или во коалиции во зависност од општините и постигнатите меѓусебни договори. Од поголемите партии, на Единствената листа на кандидати, Демократската унија за интеграција е под број 3, Алијанса за Албанците под број 5, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија” под број 7, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија под број 9, Алтернатива под број 10, Демократската партија на Албанците под број 11, БЕСА под број 16…. На листата се наоѓаат и помали партии, коалиции и за првпат на овие избори има голем дел независни кандидати.
Од понеделник партиите ја почнуваат изборната кампања која ќе трае до 15 октомври. Во овој период тие пред граѓаните ќе ја претстават својата изборна програма за следните четири години.
Изборите ќе се одржат на 17 октомври во недела.