Канатларовски за „Локално“: Англија и Франција главни фаворити на ЕУРО 2024, Хрватска и Австрија – скриени изненадувања, Роналдо се уште гладен за трофеи

од Nikola Popovski
3,2K прегледи

Вечерва на Алијанц Арената во Минхен со натпреварот меѓу Германија и Шкотска започнува 17. Европско фудбалско првенство. Свеченото отворање започнува во 19:45 часот, а воведниот натпревар помеѓу домаќинот и Шкотите е од 21 часот. На Европското првенство кое ќе се игра од 14 јуни до 14 јули ќе настапат 24 селекции, а европскиот трон го брани Италија. На десет локации ќе се одиграат вкупно 51 натпревар. Грузија е единствената селекција што ќе дебитира на ЕП, додека Англиската фудбалска репрезентација е највредната од сите учесници. „Потешки“ од милијарда евра се и Французите (1,23) и Португалците (1,05). На четврто место е Шпанија (965), а на петтото место се Германците (851).

Во однос на тоа какви се прогнозите, кој фудбалер може да блесне, каков настап очекува од Роналдо, но и кој би можел да добие прв отказ од селекторите, поразговаравме со поранешниот прославен репрезентативец на Македонија и актуелен селектор на У-21 тимот, Драган Канатларовски. Како што вели во разговор за „Локално“, ова е првенство што долго го очекуваме.

Драган Канатларовски

-Еден настан во кој ќе има најмногу публика, еден настан за кој се надевам дека ќе донесе и извонреден фудбал. Неблагодарно е да се предвидува кој ќе победи или кој ќе игра во финале, но според моите размислувања, гледајќи го распоредот и тимовите, можеби 3-4 главни фаворити се репрезентациите на Англија и Франција, иако не треба да ги заборавиме и домаќините – Германија. Како скриено изненадување и четврта екипа, ги мислам Хрватска и Австрија, смета популарниот „Цапар“.

Според него, меѓу фаворитите може да се спомне и Шпанија – како што вели Канатларовски, таа репрезентација секогаш, иако во подмладен состав, е тим кој игра во висок ритам и фудбалерите им играат во клубови кои освојуваат Лига на шампиони или Лига на Европа.

За настапот на нашите соседи и репрезентациите од Балканот, Канатларовски истакнува дека „ќе навиваме за Хрватска и Србија и да отидат до самото финале“, но колку ќе успеат да бидат истрајни и упорни во тоа, останува да видиме. Во оваа силна конкуренција, репрезентацијата на Србија за противници ги има Англија, Данска и Словенија во првата фаза.

Запрашан кои од играчите очекува да блеснат на ова ЕП, селекторот на нашата У-21 репрезентација посочува дека тука се работи за еден спој на искуство и младост, но мислам дека по натпреварите што ги имаше Џуд Белингем во дресот на Реал Мадрид и Англија – тој е еден од фудбалерите кои треба да го покажат сиот својот раскош.

-Има многу фудбалери, но се зависи од тоа колку нивната репрезентација ќе обезбеди игра во завршницата, смета Канатларовски.

Го прашавме и што мисли и за Кристијано Роналдо и неговата возраст, со оглед дека има најави дека можно е да ги почнува натпреварите од клупа, на едно од неговите последни турнирски натпреварувања во кариерата.

-Toa e работа на стручниот штаб и селекторот. Тие се доволно паметни и со такво искуство… Едноставно еден таков фудбалер и една таква ѕвезда која се уште е гладна. Иако има толку титули, Роналдо е гладен за трофеи, титули и голови, со што покажа и на последната контролна средба против Република Ирска, каде постигна два прекрасни голови. Дали селекторот Мартинез ќе се одлучи да го стави во игра од почетокот или да го искористи како џокер од клупа, останува да видиме. Тука има многу натпревари каде што секој фудбалер ќе биде потребен, а особено Роналдо, дециден е Канатларовски.

Околу тоа дали очекува и многу оставки по завршувањето на ЕП, во контекст на изјавата на англискиот селектор Герет Саутгејт кој најави повлекување доколку Англија не ја освои титулата, Канатларовски потенцира: „Во прашање е едно работно место кое впрочем го работам и јас“.

-Минатиот труд не важи ништо, туку важат само игрите и освојувањето на титули и такви силни репрезентации и фаворитските улоги што ги имаат, како на пример Англија, доколку не успеат да освојат, можеби да дојде до оставка. Ова е непредвидлива работа, се важат само резултатите и ништо повеќе, заклучува „Цапарот“.

За тронот на Европа ќе се борат 24 репрезентации кои во првата фаза од турнирот ќе бидат поделени во шест групи со по четири селекции. Вкупниот награден фонд наменет за учесниците на Европското првенство изнесува 331 милион евра, колку и на претходното ЕУРО 2020 година.

Секоја репрезентација ќе добие по 9,25 милиони евра за учество на турнирот. Секоја победа на натпреварите на репрезентациите ќе им донесе дополнителни милион евра, а за реми ќе инкасираат половина милион.

Пласманот во осминафиналето ќе биде награден со дополнителни 1,5 милиони евра, а пласманот во четвртфиналето со 2,5 милиони. Полуфиналистите ќе инкасираат дополнителни четири милиони евра. Вицешампионот на Европа ќе добие дополнителни пет милиони евра за настап во финалето, а шампионот на континентот осум милиони евра.

Осминафиналето е закажано за 29 и 30 јуни и 1 и 2 јули, четвртфиналните натпревари се закажани за 5 и 6 јули, а полуфиналето на 9 и 10 јули, додека финалето ќе се игра во Берлин на 14 јули.

Н.П.

Слични содржини