Канатларовски за „Локално“: Аргентина прв фаворит за трофејот во Катар, но не треба да се отпишат Франција, Германија и Шпанија

од Nikola Popovski
198 прегледи

Започна последното одбројување до почетокот на Светското првенство. Часовникот ги отчукува последните часови, речиси 12 години откако Катар го доби правото да биде домаќин на најголемиот фудбалски турнир. Првенството започнува во недела на 20-ти ноември со мечот меѓу домаќините и Еквадор. Тоа секако ќе биде најнеобичниот Мундијал досега. Првиот што некогаш се одржал во зима на северната хемисфера, првпат арапска земја да биде домаќин на СП, но и најкомпактна верзија на турнирот во модерната историја, бидејќи најголемото растојание помеѓу стадионите е нешто повеќе од 60 километри.

Во обид да дознаеме повеќе што мислат дел од македонските фудбалски работници околу глобалниот настан, го контактиравме поранешниот трофеен македонски репрезентативец и актуелен селектор на У-21 репрезентацијата, Драги Канатларовски-Цапар. Тој во разговор за „Локално“ изјави дека несомнево ова ќе биде едно од најспецифичните светски првенства, кога играчите се веќе уморни од сите силни натпреварувања и лиги низ Европа.

 

-Посебно ова е важно за репрезентациите од Европа, повеќекратни светски прваци како што се Германија, Франција, да не ја заборавиме Шпанија. Една специфична ситуација бидејќи покрај временската разлика, ќе се соочиме и со температурна разлика. Тоа може да претставува голема пречка за одредени репрезентации кои нема да успеат на најдобар можен начин да се адаптираат на новонастаната ситуација, оценува тој.

За тоа кои се негови предвидувања, Канатларовски вели дека додека не стартува првенството не можеме да зборуваме за одредено разочарување и на тоа е неблагодарно да се говори исто како што е и за фаворит.

-Според тоа што репрезентациите го поседуваат како квалитет, фонд на играчи и тимски дух, би ги одвоил Франција, Германија на која секогаш може да се смета и како трета од Европа би можела да биде Шпанија, која е освежена, подмладена, реновирана и има доволен квалитет за да се вмеша во трката, порачува популарниот „Цапар“.

Сепак, селекторот на младинската фудбалска репрезентација предност ѝ дава на Аргентина.

-Мислам дека може мала предност имаат латиноамериканските репрезентации. Пред се Аргентина која е веќе созреана и спремна за таков потфат, како и Бразил кој е секогаш еден од главните фаворити. Тоа се пет тимови кои според очекувањата може да бидат главни фаворити за светската круна, анализира соговорникот.

Од земјите од нашето опкружување, Канатларовски вели дека Србија под водство на Драган Стојковиќ е како нова селекција, која игра офанзивен фудбал, долго време не знае за пораз и на сите важни натпревари во квалификациите и Лигата на нации убедливо доминира и победува.

-Се надевам нема да испаднат во групите и се надевам дека ќе поминат понатаму, но сепак тоа се тимови од други контитенти и се зависи како ќе се адаптираат. Посакувам Србија да оди што подалеку, објаснува Канатларовски.

Како и многумина други, така и соговорникот смета дека Италија ќе недостига на Мундијалот во Катар.

-Нема да биде исто без неа, која секогаш, кога и се во најголема криза, се труделе преку своите игри и дисциплина, да бидат или во финале или да го освојат. Тука во нивната намера се испречи Македонија, која беше потценета и видовме како тоа им се врати како бумеранг, потсетува „Цапар“ на еден од најголемите успеси на нашата најдобра фудбалска репрезентација која беше на чекор до пласман на глобалниот фудбалски настан.

Титулата светски првак ја брани Франција која пред четири години во финалето во Москва ја совлада Хрватска со 4-2.

Тоа беше втора светска круна за „триколорите“ по освоената во 1998 година, кога на пат кон златото во полуфиналето ги совладаа популарните „Огнени“.

Бразил е рекордер со пет шампионски титули, но „Селесао“ ја чека круната од 2002 година и првенството во Јужна Кореја и Јапонија.

Н.П.

Слични содржини