Опозициската Нова демократија, освен на европските, во водство е и на локалните избори во Грција, а веќе од првиот круг доби четири грчки периферии, јави дописничката на МИА од Атина.

Од пребројани 17,77 отсто од гласовите, Нова демократија победи во регионите Централна Македонија, Западна Македонија, Епир и Тесалија, каде што нивните кандидати за префекти освоија над 50 отсто од гласовите.
Во општина Атина, со пребројани 64 проценти од гласовите, Костас Бакојанис од Нова демократија освои 42,75 отсто, а кандидатот на СИРИЗА, Насос Илиопулос 16,82 проценти. Сепак, последната битка ќе се води следната недела во вториот круг.
Втор круг ќе има и во општина Солун. Николаос Тахиаос од Нова демократија е сигурен на првата позиција со 23,06 отсто, додека пак тесна битка се води за второто место меѓу Константинос Зервас и Јоргос Орфанос, со разлика од само 0,44 проценти со пребројани 16 отсто од гласовите. Кандидатката од СИРИЗА, Катерина Нотопулу е на четвртата позиција со 13,75 проценти.