Фабио Капело, човек кој како тренер на Милан во 90-тите освои речиси се што можеше да се освои, имаше коментар за вакцинацијата меѓу фудбалерите.
Искусниот италијански стручњак смета дека сите невакцинирани фудбалери треба да бидат финансиски казнети.
Кога станува збор за Серија „А“, процентот на вакцинирани фудбалери е дури 98. Дополнително, од 10 јануари невакцинираните фудбалери или оние кои не се заразиле со вирусот нема да можат да играат за своите клубови.
– Тоа што некои не сакаат да ја примат вакцината е потег на себични луѓе. Знаеш, ако полицајците се принудени да го прават тоа, не гледам зошто не би било така и со фудбалерите? Оној што не е вакциниран му прави штета на општеството и треба да се соочи со намалување на платата – изјави Капело.
Италијанскиот шампионат продолжува во четврток на 6 јануари по празничната пауза.