Караев: „Две свеќи’’ е книга за патот до среќата преку благодарност за она што го имаме

од Vladimir Zorba

Во  услови  не се поголеми пукнатини  и разнишани вредности  во системот на современата цивилизација,  скопјанецот Алек Караев- познат консултант на реномирани светски универзитети, препознава свој, специфичен пат до среќата.

Во неговата прва книга „Две свеќи ‘, фокусот го става на благодарноста како начин на востоставување внатрешен спокој и исполнет живот. Аргументите во прилог на неговиот пристап ги препознава во се поизразената човечка незаситност во која мерката за доволно е целосно избришана.

Никогаш во историјата луѓето не поседувале повеќе материјални добра, а никогаш не биле понесреќни’’, вели Караев за локално мк. Зборот “уште’’ е еден од најчесто користените, а копнежот по она што го немаме е поголем отколку задоволството од она што сме го купиле.

Оттука, како логична се наметнува дилемата  зошто би биле посреќни со повеќе? Не ги користиме вели стекнатите животни искуства и лекции, туку им “робуваме’’ на стекнатите навики и вкоренетите стереотипи и влијанијата на околината.

“ Често пати мислиме дека со подобра кола, поголема куќа, егзотичен одмор од кој брзаме да ставиме слики на ФБ – го зголемуваме нашиот статус, заборавајки дека вистински статусен симбол се независноста и можноста да располагаме со своето време онака како што сакаме ‘’, вели Караев.

Господине Караев, вашиот пристап кон среќата е карактеристичен и пред се не многу вообичаен. Ја посочувате благодарноста како предуслов за исполнет живот, за воспоставување внатрешна рамнотежа. Колку е важно да бидеме благодарни и кому и за што?

-Често пати мислиме дека треба да сме благодарни ако се ни оди како што сме замислиле, ако сме среќни. Меѓутоа, среќата и наклонетоста на ѕвездите не треба да се причина за да бидеме благодарни. Напротив, тие се последица. Колку сме поблагодарни, толку посреќни стануваме. Среќата е состојба на умот, а најкраток пат до неа е да го забележуваме она што веќе го имаме. Ние го имаме она за кое други сонуваат. Ако не сме благодарна за она што го имаме, зошто би биле среќни со повеќе?

Според последната листа на Обединетите Нации македонците се најнесреќни во регионот. Дали можеби токму отсуството на благодарност, навиката да се жалиме и да тажиме по она што го немаме или сме го пропуштиле е една од основните причини за ова наше рангирање?

-Хм, не знам дали би можеле отсуството на благодарност да се поврзе со националната припадност. Веројатно географските, историските и културолошките фактори играат своја улога и интересно би било да се направи такво истражување, но не би можел да тврдам дека тоа е она што нас македонците не прави понесреќни од другите. Сепак убеден сум дека благодарниот став директно придонесува за постигнување на посреќен и поисполнет живот, без разлика на нација, вера или култура.

Благодарнот став е поврзан со фокусот, на што одлучуваме да го насочиме нашето внимание, на начинот на кој го гледаме светот.

На пример никогаш во историјата луѓето не поседувале повеќе материјални добра, а никогаш не биле понесреќни. Имаме повеќе од нашите предци, но и нашите потреби растат. Излегуваме од продавница со полни ќеси храна, гардероба, но сме посиромашни на излезот отколку на влезот. Во главата не ни е она што сме го набавиле, туку она што некупено останало на рафтовите. Копнежот по она што го немаме е поголем отколку задоволството од она што сме го купиле. Во главата ни одѕвонува еден збор – “Уште“.

Вие сте познат консултант кој е ангажиран од страна на голем број светски универзитети како и во рамките на меѓународни проекти. Колку ова искуство ви помогна во создавањето на книгата, и генерално, дали благодарноста како став и животен концепт е подобро препознаен во
останатите земји?

-Мислам дека благодарниот став е независен од нашата стручност. Светот е полн со компетентни, образовани, но истовремено несреќни луѓе. Сепак благодарен сум што професионалното искуство ми помогнало да патувам повеќе, да запознаам најразлични луѓе и да ги проширам моите видици, кои ги пренесувам во мојата книга. Сум забележал дека што повеќе патувам повеќе учам и за себе и за земјата од која што потекнувам и која многу ја сакам.

Татко сте на четири ќерки, имате богато животно искуство. Ако тргнеме од премисата дека на сите нас ни се најважни воспоставувањето внатрешна хормонија и спокој во семејството, останува дилемата колкумина навистина знаат да го препознаат вистинскиот пат? Дали учиме од животните лекции, или пак остануваме ‘’верни’’ на одамна прифатените и длабоко вкоренети
животни ставови од нашиот ментален и генетски код?

-Генетскиот код ни е одличен изговор за да одиме по линија на помал отпор. Кога некој ќе каже “Ние Македонците сме мрзливи, вакви или оанкакви…“, веднаш инсистирам да користи прво лице еднина.

Сите поминуваме низ разни животни искуства, кои можат да ни бидат драгоцени учители. За жал најчесто ги игнорираме таквите лекции и им робуваме на стекнатите навики и вкоренетите стереотипи и влијанијата на околината. Тие влијанија се многу суптилни и затоа постигнувањето на вистинска свесност бара вложување на континуиран напор и енергија. На пример често пати мислиме дека со материјални добра – подобра кола, поголема куќа, егзотичен одмор од кој брзаме да ставиме слики на ФБ – го зголемуваме нашиот статус, заборавајки дека вистински статусен симбол се независноста и можноста да располагаме со своето време онака како што сакаме.

Која е целта на вашата книга, што сакате да постигнете со неа?

-Книгата не нуди рецепти, формули за среќа. Жал ми е ако некого разочарам со ова. Дури и не верувам дека читателот ќе дознае  нешто драматично ново, но се надевам дека барем ќе го поттикне да застане, да ги отвори очите за оние нешта кои често ги забораваме, ги сметаме за дадени сами од себе и недоволно ги цениме.

Отсекогаш мојата мисија преку консултантската работа и обуките кои ги спроведувам е да им помогнам на организациите и индивидуите максимално да го искористат својот потенцијал, а ако со оваа книга го инспирирам  читателот да почне да изградува благодарен став, макар и преку едно дополнително “Благодарам”, јас ќе сметам дека сум ја постигнал целта.

К.В.С.

Слични содржини