Бугарската партија ВМРО-БНД објави предизборно видео пред коалицијата „Бугарски патриоти“, во кое ветува дека ќе го заштити бугарскиот идентитет. Сепак, во видеото се појавуваат снимки од денешен Охрид, кои се осудени од македонска страна.
Имено, Министерството за надворешни работи ја обвини бугарската партија за територијални претензии. После тоа, поранешниот министер за одбрана, лидер на партијата ВМРО БНД, Красимир Каракачанов, зборуваше и рече дека во Охрид, како и во цела Македонија, живеат многу Бугари. Како што истакна, неговите колеги и тој ги штитат бугарскиот идентитет и култура низ целиот свет.
„Го чуваме споменот и се сеќаваме дека Охрид е една од најпознатите престолнини на Бугарија … Охрид е исто така главен град на бугарскиот цар Самуил. Нашата православна црква е поврзана со тој град преку Охридската архиепископија. Не сме ние виновни што почитуваните политичари во Скопје не ја знаат или се прават дека не ја знаат нивната историја“, напиша Каракачанов на Фејсбук.
Политичарот ги обвини и македонските разузнавачки служби дека се обиделе „пријателски да ги одвратат“ нивните сограѓани Бугари да гласаат на парламентарните избори во Бугарија.
„Оваа практика на заплашување и повици беше користена неколку пати, вклучително и на претходните избори. Размислете за тоа следниот пат, пред да испратите протестни ноти и гласно да го побарате правото да бидете дел од Европската унија“, посочува Каракачанов.
Да потсетиме, предвремените парламентарни избори ќе се одржат во Бугарија на 11 јули. Пред два дена партијата ВМРО-БНД објави видео во кое ветија дека ќе се борат против заканата поврзана со мигрантите, погрешната политика на интеграција на одредени групи на население, сиромаштијата и монополот на банките. На тоа видео се појавуваат и снимки од Охрид.