Албанскиот премиер Еди Рама вчера и рече на претседателката на Европскиот парламент (ЕП) Роберта Мецола дека „Кармата е кучка“, мислејќи на големиот корупциски скандал што ја тресе институцијата во последните месеци.
Навестувајќи го лицемерието на корупцијата од земјите кои веќе се во клубот и од самиот Европски парламент, Рама посочи дека ЕУ сега бара повисоки стандарди од потенцијалните членки (како Албанија) отколку што се држат нејзините членови.
– Повеќе од половина од земјите на ЕУ веќе нема да можат да влезат во ЕУ. Не зборувам за бивши комунисти. Зборувам и за основачите, верувајте – рече Рама говорејќи на панелот на Светскиот економски форум во Давос, пишува „Политико“.
Европскиот парламент е во центарот на широка истрага за тоа дали странски влади, вклучително и Катар и Мароко, незаконски влијаеле на неговата работа. Поранешниот потпретседател на Парламентот на ЕП, поранешен член на ЕП, еден пратенички асистент и шеф на невладина организација беа вклучени во истрагата, која фрли сурово светло на процедурите на институцијата за решавање на потенцијални конфликти на интереси.
Рама рече дека процесот на пристапување на земјите-кандидати е различен од времето кога земји како Малта, родната земја на Мецола, станаа членки на блокот, велејќи дека тој станал „неверојатно невротичен и нефер“. Албанија е рангирана на 110-то место според индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнал, под Јужна Африка, Белорусија и Казахстан.
Мецола потоа рече дека парламентот „отсекогаш бил исклучително позитивен кога станува збор за проширувањето на ЕУ, како што многумина од нас се сеќаваат кога се приклучивме“.
Но, додека Рама рече дека неговата земја учи од ЕУ како да гради демократски институции, тој сепак чувствува дека ЕУ ќе ја добие заслужената казна.
– Роберта, извини, морам да го кажам тоа, кога излезе овој корупциски случај реков: „кармата е кучка“ – рече тој.
На почетокот на месецов Мецола објави 14 предложени реформи во системот за подобрување на правилата за транспарентност на европратениците по корупцискиот скандал, додава „Политико“.