Карпош доби еко – занимална

од Берта Китинска

Клацкалки од еко – материјали, клупи за седење, импровизиран бунар, масичка за X/0 и „не лути се човече“, како и новозасадено зеленило се содржини кои се дел од првата еко – занимална во Карпош, во рамки на детската градинка „Орце Николов“ во Карпош 3. Станува збор за уредена зона на отворено, која можат да ја користат децата и воспитниот кадар. Во рамки на еко – занималната креирана е и градина, во која се одгледуваат најразлични билки.

Градинката „Орце Николов“ е најстарата предучилишна установа во нашата држава, но и меѓу државните градинки кои нудат најдобар квалитет на услуги.

Оваа занимална е создадена од воспитниот и административниот кадар на градинката, со поддршка и од децата, родителите, директорката Надица Гировска, како и од општина Карпош.

-Среќен сум што успешниот пример од училиштата, со еко – училниците се пресликува и во градинките.Децата во Карпош уште од рани години учат за околината, како да ја заштитат и како да ги преработат материјалите и да создадат нешто функционално.Токму во текот на летото, оваа градинка ќе добие и дополнителен објект. Имено, предвидени се четири нови занимални, со што значително ќе се зголемат капацитетите за згрижување на деца, рече градоначалникот Стефан Богоев.

Градоначалникот истакна дека градинките повеќе не се установи во кои децата само престојуваат. Тука, тие стекнуваат навики, учат за првите поими и појави, јадат здрава храна, а поттикнати се и на креативност, двонасочна комуникација и одговорност.

Градинката „Орце Николов“ овој период аплицираше и на ЕРАЗМУС+ проекти, со што само се потврдува нивната заложба за подобра работа со деца и овозможување на подобри услови за нивна едукација.

Слични содржини