Касами бара одговорност од Обвинителството за судскиот процес за пожарот во болницата во Тетово

од Stefanija Kuzmanovska
290 прегледи

Претседателот на Движење Беса и градоначалник на Тетово, Биљал Касами денеска на прес-конференција побара одговорност од Обвинителството за судскиот процес за пожарот во модуларната болница каде 14 луѓе ги загубија животите. Според него, системот на три пати ги убива тие 14 лица.

„Изгубените животи во модуларната болница во Тетово и членовите на нивните семејства трипати беа убиени од неправдите и скандалозните одлуки на овој систем, кој сам никогаш не донесе правда. Првиот пат беа убиени затоа што ги криеја вистинските виновници за овој случај. Вториот пат беа убиени затоа што политичката и корумпирана правда ги казнуваше оние кои би можеле да бидат најмалку одговорни во овој случај. Третиот пат ги убивте кога Министерството за здравство на чело со Фатмир Меџити ѝ предложи на Владата да ги исплатат преостанатите финансиски средства на главниот виновник компанијата БРАКО, која наместо да биде казнета, беше наградена со народни пари“, рече Касами на партиската прес-конференција.

Касами побара одговорност од обвинителите, затоа што, според него, никогаш во судската постапка не биле земени предвид наодите од истрагите од извештајот на форензичкиот тим на германски експерти и наодите на електроинженерот од овој случај.

„Во своите извештаи наведуваат дека кабелот се запалил поради немање соодветна и правилна инсталација која ја изведе компанијата БРАКО и дека причината за Модуларната болница која се запали и изгоре во рекордно време е затоа што конструкцијата и материјалот од кои е направена, беа несоодветни и со лош квалитет. Јавно ги прашуваме обвинителите на овој случај, на чело со поранешниот прв главен обвинител Јовески и неговиот наследник Јосифовска, зошто за време на судењето за овој случај никогаш не биле земени предвид извештаите и контактите на германскиот тим за судска медицина, а во исто време и на електроинженерот кој како основа во своите извештаи ги посочуваат вистинските и главните виновници за оваа трагедија, а тоа е фирмата на поранешниот вицепремиер Анѓушев, за несоодветната работа извршена според тендерските спецификации на предметната модуларна болница“, рече Касами.

Слични содржини