Еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН и градоначалник на Тетово, Биљал Касами во изјава за медиумите порача дека партијата ДУИ го изгубила компасот и дека моментално „се без глава“.
Според него, се обиделе да направат политичка криза, но од шаторите кои ги имаат поставено пред Уставниот суд кога минатата година се очекуваше одлука за Законот за јазици, излегле со наведнати глави.
„Тие треба да го исчистат криминалот и корупцијата од своите редови. Блерим Беџети, кој со години е на функцијата и има индиции дека го инкриминираат во сомнителни случаи за корупција, не може да зборува за политичка криза. Зборуваме за политичка партија која ја злоупотребуваше својата позиција повеќе од 20 години на власт, а сега, пред да зборуваат за заштита на правата на Албанците, треба да зборуваат за расчистување на корупцијата во нивните редови“, изјавил Касами.
Тој додал дека ДУИ го започнале процесот на внатрепартискиот ветинг, но се чини дека заборавиле.
„Не знам каков е резултатот од тој ветинг кога знаеме, но, знае секој граѓанин, дека речиси секој функционер на ДУИ без ниту еден денар во џеб влезе во Владата, а излезе како милионер“, кажа Касами.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети пред два дена порача на земјава ѝ се потребни локални и предвремени парламентарни избори.
„Предвремените парламентарни избори во Собранието беа отворени како дебата од сите, почнувајќи од премиерот Мицкоски. Но, факт е дека на земјата ѝ се потребни предвремени парламентарни избори за да излезе од оваа ситуација во која не се почитува легитимитетот на другата етничка заедница во државата. Затоа што само така ќе се врати политичката стабилност, но и можноста за стабилност во економијата и во сите други сфери кај нас и да се работи на напредок и општото добро на граѓаните. Неприфатливо е да се почитува само еден легитимитет во државата од двете најголеми етнички заедници и затоа бараме предвремени парламентарни избори“, рече Беџети.
Што се однесува до најавите за Законот за јазиците, вели дека имале средби со граѓани.
„На тие средби со граѓани што ги имавме со ограноците на ДУИ, граѓаните имаа можност да поставуваат прашања до лидерот Али Ахмети и до сите останати, а ако се следат сите прашања и коментари, загриженоста за ова многу чувствително прашање е на највисоко ниво. Секако дека сме избрани од Албанците и од граѓаните и свесни сме каква ќе биде реакцијата и затоа е искажан став дека нема можност за локални избори, бидејќи етничката стабилност се уништува“, вели Беџети.
На прашањето дали очекува немири во тој контекст, тој одговорил дека не може да се очекува стабилност.