Биљал Касами, градоначалникот на Тетово и еден од лидерите на ВЛЕН, во интервју за „360 степени“ се осврна на низа политички прашања поврзани со моменталната коалиција и состојбата на албанските права во Македонија. Касами истакна дека, и покрај критиките од страна на Арбен Таравари, кој обвинувал за незадоволство меѓу Албанците во владата, ВЛЕН продолжува да работи на важни инфраструктурни и политички проекти, како изградбата на Коридорот 8 и реформите во делот на правата на Албанците.
Тој го обвини Таравари за создавање тензија во коалицијата, додавајќи дека наместо да се фокусираат на политички прашања, во периодот на неговото присуство во владата, најмногу време поминувале разговарајќи за поделба на позиции. Касами коментираше и за застојот во носењето на законот за соодветна застапеност, посочувајќи дека вината за тоа лежи на Таравари.
Во врска со идните политички договори, Касами не ја исклучи можноста за реконструкција на владата и прераспределба на министерствата, меѓу кои ја спомена и можноста Министерството за здравство да премине под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, а ВЛЕН да добие друг ресор. Тој потенцираше дека вакви рокади се можна последица на новата политичка ситуација во владата.
За политичките амбиции на ВЛЕН, Касами зборуваше и за преговорите со пратеници од албанската опозиција, нагласувајќи дека поддршката за владејачкото мнозинство ќе се зголеми во наредниот период. Во однос на евроинтеграциите, Касами потврди дека членството во ЕУ останува приоритет за Владата, но ја нагласи новата геополитичка реалност, каде Европа не е подготвена за проширување поради промените во САД под раководство на Доналд Трамп.
Касами ја коментираше и состојбата со образованието, нагласувајќи дека неговата партија активно работи на подобрување на квалитетот на образованието, вклучително и во воведувањето на нови образовни материјали, како што е новиот буквар за основните училишта. Исто така, тој истакна дека ВЛЕН продолжува со напори за подобрување на инфраструктурата, посебно во изградбата и реконструкцијата на улиците во Тетово и други градови, за да се овозможи подобар животен стандард за граѓаните.