Отворен е предмет за наводите за незаконски оперативни обработки на јавни личности, од страна на поранешното раководство на Агенцијата за национална безбедност, од 2019-та до 2024-та година. Актуелниот директор на агенцијата, Бојан Христовски, вели топката е сега кај Обвинителството, но, според него, факт е дека поранешниот директор заедно со група вработени, во континуитет ја злоупотребувале службената положба. Поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, пак, тврди дека премиерот Христијан Мицкоски не бил следен. Тој го повика актуелниот директор на Агенцијата, веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводните злоупотреби, особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата од 2019 до 2022 година.
„Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања! Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот класифицирани информации со степен на државна тајна“, вели Димовски.
„Скандалот со нелегалното прислушување што го правела АНБ изминативе години не е удар врз мене и новинарите, туку удар врз темелите на државата, демократијата и слободата“, истакнува премиерот Мицкоски. Шефот на Владата побара правна разрешница, а лидерот на СДСМ, Венко Филипче побара темелна истрага и декласификација на информациите наместо, како што вели, „лов на вештерки“.
Ново „Големо уво“ или предизборен фолклор?
За дел од јавноста, може да се каже дека е дел од политичкиот фолклор во предизборието. Едноставно, за жал, како што вели аналитичарот, Благојче Атанасоски, во овие 35 години повеќепартиска демократија, нашите политички елити, не се научија, односно не сакаа да прават диференцијација меѓу локални, парламентарни и претседателски избори.

Благојче Атанасоски/ Фото: Локално
-Па затоа имаме вакви теми од типот на „наводно прислушкување“ на премиерот додека бил лидер на опозицијата во очи на есенските локални избори. Тоест оваа „каша-попара“ од наратив и теми кои немаат допирна точка со ингеренциите на локалните власти, е всушност произволност и од електоратот кој никако да се научи да гласа согласно надлежностите на односите функционери, оценува Атанасоски во разговор за „Локално“.
На прашањето колку е ова своевиден политички реваншизам, соговорникот посочува дека би било неблагодарно да се коментира во ваква политичка магла, дали станува збор за вистинско прислушкување или само дел од политичкиот фолклор.
-Ако е навистина, тогаш треба да имаме вистински независни институции кои ќе го истражат случајот и ќе ја спроведат институционално целата постапка, но во Македонија знаеме дека имаме тотално партизиран систем, во кој нема доверба никој: ниту функционерите (во опозиција), ниту граѓаните, односно институциите биле алатка на секоја власт која ги партизирала и ги контролирала за свои цели и интереси, истакнува Атанасоски.
„Cellebrite Inseyets Online Pro“ оперира во МВР веќе некое време, вклучително и кога една година е ВМРО-ДПМНЕ на власт. Експерти веќе предупредија дека ова е премоќен софтвер за да се остави на влада која претходно имала историја на злоупотреби, како што беше случај пред 2016-та година. Според Атанасоски, се додека не се воведе етиката во политиката од Македонија не бидува ништо, камо ли држава со сите нишани. Смета дека „кај нашите власти постои правилото на лорд Актон дека секоја власт корумпира, а апсолутната власт-апсолутно корумпира“.
-Така што наместо ние да имавме избраници со чест, морал и дигнитет во овие 35 години кои ќе работеа согласно надлежностите во интерес на граѓаните, ние со чест на исклучоци, добивавме политичари кои фрустрациите, комплексите и траумите од детството, ги лечеа врз граѓаните кога апсолутно ќе ја земеа власта во своите раце и добивавме дегенериран систем во кој власта (моќта на властодршците) апсолутно ги запоседнуваше и корумпираше институциите на системот, заклучува аналитичарот.
Првата голема афера со прислушување, позната како „Големо уво“, се случи на почетокот на 2000 година. Тогашниот лидер на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски, на прес-конференција обелодени стенограми од разговори на политичари, новинари и дипломати кои биле незаконски прислушкувани. Веднаш по тоа, Основното јавно обвинителство побара истражни мерки и сослушување на 70 сведоци. Истрагата наиде на пречки, бидејќи Црвенковски одбил да открие од кого ги добил транскриптите, а се смета дека тие му биле предадени од поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски. Аферата покажа дека злоупотребата на безбедносните механизми може да има сериозни политички последици и да ја разниша довербата на јавноста.
Десет години подоцна, јавноста беше потресена од друга афера, позната како „Вистината за Македонија“ или „бомбите“. Опозицијата СДСМ, предводена тогаш од Зоран Заев, објави серија прислушкувани разговори на високи функционери. Интересно, првите објавени разговори биле токму на Заев, што ја покажува сложеноста на политичките игри и ризикот од злоупотреба на информациите. Оваа афера го продлабочи сомнежот кај граѓаните дека прислушувањето е алатка за политички цели, а не механизам за законска заштита или безбедност.
Н.П.