Една од најдобрите македонски ракометарки Индира Кастратовиќ во интервју по повод 20 години од работењето на МИА го изрази своето задоволство од одличната интеракција со Агенцијата во изминатиот период. 
Веќе 20 години МИА како професионален јавен информативен сервис, меѓу другото, се занимава и со теми од приватниот и деловниот живот на јавните личности. Колку Ве импонира соработка со државна новинска агенција, имајќи предвид дека ваквите теми обично се дел од забавни списанија, таблоиди, телевизиски емисии или специјализирани медиуми?
МИА во изминатите 20 години зад себе изгради една приказна исполнета со професионализам и доследност во известувањето, и мило ми е и што и јас преку вашите извештаи и стории бев дел од таа приказна. Додека ние се радувавме на најголемите успеси во македонскиот женски ракомет, преку сервисот на МИА што го следат медиумите, нашите постигнувања побрзо и полесно се приближија до спортските фанови. Поради природата на Вашиот сервис, верувам дека е голем бројот на читатели кои секојдневно читаат стории за натпревари, спортски манифестации или за спортисти, но не знаат дека авторот на тие текстови е од екипата на МИА.
Имате ли некоја сугестија која МИА би можела да ја прифати во иднина за проширување на своите содржини, со цел поблиска соработка со истакнати личности од областа на музиката, спортот,филмот, театарот…?
Отвореноста и расположението да прифатите предлози и идеи само покажуваат дека постои долгорочна соработка со нас, соговорниците, одржуваме убава интеракција со вашите репортери, која пак, кулминира преку финалниот производ кој се подготвува за читателската публика. Сакам да прочитам убава, позитивна приказна со човечка димензија, која прикажува успех, напредок и шири позитивни вибрации, особено од областа на културата и уметноста. Но, мислам дека треба повеќе простор да одвоите за промоција на спортовите во Македонија, особено важно за привлекување на нови млади таленти во сите индивидуални или колективни спортови.
Колку за Вас е важна соработката со медиумите за текот на кариерата? Дали сметате дека медиумското експонирање е речиси исто толку важно колку и талентот за постигнување на Вашата цел?
Како спортист неопходно ми беше да развијам вештини за комуникација со медиумите, и особено ме радува кога ќе погледнам наназад, кон сите објавени приказни и изјави, дека изградив една успешна соработка со медиумите, и се разбира и со јавниот информативен сервис, што денес слави 20 години. Талентот за нас спортистите е многу важен, особено ако е проследен и со истрајност и посветеност во тренинзите, но тоа не е доволно за успешна спортска кариера. Тајната состојка во таа приказна, е токму умешноста да научиш да комуницираш со медиумите, односно, преку нив со нашата публика – навивачите. Затоа што убава и соодветна изјава на случувањата може да те подигне кон ѕвездите, но и да те тресне од земја, ако не внимаваш што кажуваш.
Со каква порака би и го честитале 20-годишниот јубилеј на МИА?
Среќен роденден МИА и Ви посакувам уште стотици години професионално известување, нека се множат убави приказни, стории за напредок и успеси.
Габриела Точко