Катаи доби отказ од Л.А.Галакси поради расистичкиот скандал

од Vladimir Zorba

Американскиот клуб Лос Анџелес Галакси го отпушти Александар Катаи, и покрај неговото извинување за ставовите на неговата сопруга на социјалните мрежи.

Тој стана слободен агент, а за ова ја информираше јавноста преку кратко соопштение во кое се наведува дека клубот и фудбалерот се согласиле да ја прекинат соработката.

Причината за овој епилог се расистичките коментари и скандал направен од неговата сопруга Теа, во екот на протести низ Америка за убиството на Џорџ Флојд.

Таа, меѓу другото, го искористи и Инстаграм и ги нарече го*на борците за правата на црните Американци.

„Убиј ги го*ната“, „Одвратна стока пали цркви“ и „Black Nikes matter“ (важни се црните патики Најк)“, напиша таа на Инстаграм и со тоа даде старт на лавина негативни коментари.

Тој, во меѓувреме, издаде изјава во која се извини за неприфатливите погледи на неговата сопруга.

– Објавите на мојата сопруга Теа Катаи на нејзините профили на социјални мрежи се неприфатливи. Јас не ги споделувам тие погледи на светот и тие не се толерираат во моето семејство. Расизмот, делумно против црната заедница, не е распространет само во Европа и САД, туку и низ целиот свет. Јас остро ја осудувам доминацијата, расизмот и насилството врз другите бои на кожата, животот на црните луѓе е важен. Ова е грешка на моето семејство и преземам целосна одговорност, ќе се уверам дека моето семејство и јас ги преземам сите важни чекори за учење, разбирање, слушање и поддршка на црната заедница. Исто така разбирам дека ќе биде потребно време повторно да ја освоиме поддршката на луѓето во Лос Анџелес. Подготвен сум да ја вложам потребната работа и напор за да научам од овие грешки и да бидам подобар сојузник и застапник во борбата за еднаквост. Жал ми е за болката нанесена на семејството на Лос Анџелес Галакси и на сите што се борат против расизмот – напиша Катаи.

Сепак, тоа не беше доволно, така што на состанокот во четвртокот, клубот и Катаи се договорија да се стави крај на соработката, така што од денес Србинот е слободен да избере ново опкружување.

Тој имаше договор во Лос Анџелес во вредност од 650 000 американски долари годишно нето заработка.

Слични содржини