Тажна вест за навивачите и љубителите на пивото, кои планираат да ги следат натпреварите од Светското првенство во Катар на крајот на годината во живо.
Повикувајќи се на свој извор, агенцијата „Ројтерс“ ексклузивно ја објави веста дека трибините на стадионите на Светското првенство во Катар ќе бидат без алкохол, а продажбата на пиво надвор од стадионот ќе биде дозволена само пред и по некои натпревари и на одредени локации.
Овогодинешното Светско првенство е првото што ќе се одржи во муслиманска земја со строга контрола на алкохолот, што претставува уникатен предизвик за организаторите на Мундијалот, кој често се поврзува со љубителите на пивото и е спонзориран од светски брендови на пиво.
Така, одлучено е алкохолот да не се служи за време на натпреварите на стадионите, туку навивачите ќе можат да го купат за време на Светското првенство на ограничено време и во одредени делови од фан зоната на ФИФА во Доха, главниот град на Катар.
Алкохолот ќе може да се купи во одредени хотели и клубови, но цената ќе биде „солена“, околу 18 долари. Цената на пивото во фан зоните и во близина на стадионот се уште не е договорена.
„Ројтерс“ потсетува дека во 2019 година, за време на Светското клупско првенство, една лименка пиво чинела околу седум долари.
Светското првенство во Катар ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември 2022 година.