Oднос на пратениците е несериозен, како да не ја сфаќаат улогата на Уставниот суд, вели претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска која изрази негодување поради неможноста Собранието да назначи нови уставни судии.
-Си го поставувам прашањето – дали можеби некому одговара Уставниот суд да е во ваква ситуација, рече Кацарска.
Засега бројката од пет судии е доволна за носење на одлуки, но, како што рече преседателката на Уставниот суд, одлучувањето по крупните предмети е полегитимно кога би се направило со вкупниот број од девет уставни судии.
Ако до декември не се изберат судии, целосно ќе се блокира работата на Уставниот суд, бидејќи уште еден судија ќе остане без мандат.
-Единствена надлежност на Уставниот суд е да се обрати до претседателот на Собранието пред да истече мандат на некој од судиите. Тоа е направено во април минатата година, кога Џафери е информиран дека на тројца судии престанува мандатот. Потоа во месец ноември испратив и писмо со кое го информирав дека на еден судија му престанува мандатот во јануари. Тоа се моите надлежности. Јавноста знае дека испратив и писмо со апел да се најде начин да се изберат четворицата судии, кажа Кацарска.