Ќе има ли ново одложување на Талир2?

од Ивана Рамаданова
303 прегледи

Ќе ја одложи ли Кривичниот суд повторно седницата за случајот на СЈО – „Талир 2“ за незаконската градба на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, попознато како белата палата. Случајот во моментов се наоѓа во главна расправа каде што обвинителството ќе изведува докази.

Имено, според неофицијални информации, новиот адвокат Горан Каркински кој Груевски го доби по службена должност има здравствени проблеми и не е во можност да присуствува на следното закажано рочиште за случајот Талир2. Поради ова се доведува во прашање одржувањето на следното рочиште кое е закажано за 24 јануари годинава.

Истрагата за овој предмет беше отворена во рокот од 18 месеци што го имаше СЈО, но обвинението е поднесено по истекување на рокот, поточно на 22 ноември 2018 година. Првото обвинение за „Талир“ беше оценето на 11 јануари. Судењето сè уште не почнало и постојано се одлага поради отсуство на обвинети и адвокати.

Во „Талир 2“ се обвинети Никола Груевски, кој е во бегство и има азил во Унгарија,  и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски. Обвинети се дека злоупотребувајќи ја службената положба, овозможиле правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

Пред судот веќе се води постапка за предметот „Талир 1“ за незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Според обвиненителниот акт од СЈО, обвинетите во „Талир“ незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на разни луѓе.

И.Р.

Слични содржини