Лекарската комора му ја одзема лиценцата за работа на гинекологот Николче Дамчевски, кој девет месеци лажел пациентка дека е бремена, а при тоа и давал и терапија со што го загрозил нејзиното здравје. Ваква одлука донел второстепениот совет при Судот на честа на Лекарската комора на седница одржана на 23.11.2017 година кој одлучувал по жалбата на Дамчевски, против одлуката на Првостепениот судски совет при Судот на честа со која времено му се одзема лиценцата за работа во траење од седум години.

„Членовите на Второстепениот совет ја разгледа жалбата и наводите во неа и донесоа одлука со која ја потврдија обжалената одлука која беше донесена во прв степен пред Судот на честа. Со неа д-р Николче Дамчевски е прогласен за виновен во постапка за случајот кога лекувал и спроведувал постапки на биолошко потпомогнато оплодување на пациентка, ја водел како бремена, иако таа не била. Во целиот период на т.н бременост докторот ја следел, ја информирал за напредокот на бременоста, ординирал терапија за одржување на бременоста се до наводниот термин за породување кога и соопштил дека воопшто не пости бременост. Со наведените дејства, како што оцени Судот на честа, докторот ги прекршил одредбите од Кодексот на медицинска деонтологија и му се изрече мерка времено одземање на лиценцата за работа во траење од 7 години“, се вели во соопштението на Лекарската комора.
Ваквата одлука на второстепениот Совет на Судот на честа е конечна и Дамчевски нема право на жалба. На одлуката на простепениот и второстепениот Совет на судот на честа претходеше сослушување и соочување на двајцата, гинекологот и пациентката. Дамчевски од пациентка е обвинет дека девет месеци ја лажел дека е бремена и и давал непотребни лекови и хормони, а на сослушувањето пред Судот на честа постојано тврдел дека тоа го правел за добро на пациентката.