Ќе му се случи ли на Охрид новиот Субрата Рој – новиот градоначалник вели Ал Тани бил шеик со искрени намери?

од desk4
98 прегледи

Голема фама предизвика посетата на катарскиот шеик Јасим бин Хамад Ал Тани и средбата зад затворени врати со новиот градоначалник, информира ТВ24.

Охридската јавност деновиве на големо полемизира дали на Охрид може да му се случи уште еден Субрата Рој!? Но, иако дел од медиумите веќе пренесоа дека шеикот најавил инвестиции во туристичкиот центар, градоначалникот Јован Стојановски е категоричен дека средбата била протоколарна и дека за конкретни инвестиции и проекти воопшто не станало збор.

Но, и покрај се не е исклучена можноста Ал Тани во иднина да се одлучи за инвестиција, а Стојановски потенцира дека граѓаните можат да останат мирни, затоа што овој пат станува збор за вистински шеик со искрени намери.

Градоначалникот дополнува дека новата локална самоуправа нема да дозволи уште една измама како онаа на Субрата од пред неколку години.

Поддршка за што поинтензивно привлекување на инвестиции даваат и советниците од опозиција, но не по секоја цена. Шеикот не сакаат да го коментираат.

Одбивноста и недовербата на охриѓани во странски инвестиции од шеици настана откако приказната за Субрата Рој кој беше најавуван како инвестициско чудо заврши неславно, а од хотелите, казината, спортските терени, марина и пристаништа, останаа само празни ветувања.