СДСМ денеска, осврнувајќи се на дел од Планот за живот, најави кредити до 15.000 евра за почнување микро бизнис со само еден процент годишна камата и можност граѓаните брзо и едноставно да отворат фирма со само едно евро влог. 
Во соопштението до медиумите партијата наведува дека ќе ги поддржи домашните фирми со државна помош 100 пати повисока од сега и во првата година таа ќе изнесува 20 милиони.
Се што е проектирано во Планот, напоменува СДСМ, е спротивно на економски политики на досегашната власт.
– Нашите економски политики се темелат на поддршка на домашните мали и средни претпријатија. Целта ни е да поттикнеме услови за отворање нови и подобро платени работни места за граѓаните. Ќе стимулираме да се отворат повеќе нови домашни фирми. Ова е еден од начините како ќе им помогнеме на граѓаните кои немаат работа, а имаат идеја, да работат, пишува СДСМ.
Освен преку мерката отворање фирма со само едно евро влог, СДСМ, како што нагласува, ќе стимулира и отворање нови домашни компании и во старт-ап центрите. – Таму домашните фирми, во првите години од формирањето, додека да застанат на нозе, ќе добијат од државата бесплатен деловен простор и обезбедени услуги како што се сметководство, архива, одржување, додава партијата.
Квалификувајќи ја како неодговорна, СДСМ обвинува дека досегашната власт го уништи домашното стопанство, затвори најмалку 10.000 фирми, а секоја трета е со блокирана сметка.
– За силни домашни претпријатија и економија во интерес на граѓаните потребна е нова и одговорна Влада која ќе води реални политики, стои во соопштението од СДСМ.