Ќе падне ли договор меѓу Македонија и Бугарија за пат до ЕУ без вето?

од desk4
1,3K прегледи

Додека во Македонија партиите од власта и од опозицијата постизборно се надмудруваат кој треба да стои на чело на државата, дали Владата на СДСМ има мнозинство во Собранието или, пак,  ВМРО-ДПМНЕ уште долго треба да  остане во опозиција, стигна абер од францускиот претседател Емануел Макрон.  Тој порача дека ЕУ до крајот на годината треба да ги почне преговорите со Македонија и Албанија. Посочи два датума 14 и 31 декември. До тогаш двете држави треба да ги надминат недоразбирањата.
Во меѓувреме од Бугарија наместо старите историски ветришта, почнаа да дуваат нови со мирис на човекови права. Бугарскиот државен врв навести дека наместо решавање на историските прашања, Македонија треба да поработи на наводната „дикриминаторската“ политика врз Бугарите од страна на македонските институции. 

Како резултат на ваквите пораки од Бугарија, во македнската јавноста почнаа да се вртат две можни сценарија за евентуланата разврска околу европска иднина на земјава. Според првото сценарио, Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите но, со дополнителни отстапки во корист на Бугарија. А според второто, нашата држава и понатаму ќе остане во европската чекалница, бидејќи пораките на ЕУ лидерите не се искрени.

„Локално“ на оваа тема  разговараше со политикологот Мерсел Биљали кој посочи дека најавите на некои челници на земјите од  ЕУ за отворање на преговорите за членство со Албанија и Македонија до крајот на годинава се „млатење празна слама“.

-Во наредните 20 или 30 години ниту една земја од Западниот Балкан нема да стане членка на Унијата, затоа што немаат завршено ниту 30 % од реформите што ги бараат европјаните. Сметам дека пораките на францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Марк Руте се по малку глума. Ние треба да се фокусираме на заеднички економски пазар и на зајакнување на капацитетите на институциите внатре во државата, бидејќи ЕУ е далечен сон кој во моментов не е достижен. Оние што ја споменуваат ЕУ тоа го прават од маркетиншки причини бидејќи знаат дека Унијата не е подготвена за проширување бидејќи и самата е во криза. На најавите за отпочнување на преговорите со ЕУ гледам како на „перење“ на совеста за постапките кон Зоран Заев, затоа што тој ја заврши работата со Грција, вели Биљали.

Од друга страна пак, дел од професорска фела смета дека ЕУ поради стравот од влијанието на трети земји сакала или пак не, ќе мора да ги почне преговорите со Македонија и Албанија. Според  универзитетските професори со кои разговараше „Локално“,  новата политика на Бугарија со која фокусот од исторјата се префрла на правата на Бугарите во Македонија, е знак дека за европјаните ретуширањето на историските факти се небулозни, наспроти човековите права кои сега во Европа се хит.

Според соговорниците на „Локално“ дошло време Бугарија да го искористи моментот на „бугарските пасоши“ кои „од срце“ ги делеше на Македонците.  Според нив со децении раздаваните државјанства сега ќе ги користи за да докаже дека има Бугари во Македонија и дека тие се  дискриминирани. Нашите соговорници не  ја исклучуваат можоста дека во финишот на преговорите Бугарија ќе бара  во македонскиот Устав да бидат впишани и Бугарите.

„Бројот на Бошњаците, Србите, Власите, кои веќе се во Уставот е многу помал од бројот за кој Софија тврди дека има Бугари во Македонија. Доколку пописот покаже дека има одреден процент на граѓани кои се изјасниле како Бугари, тогаш очекувано ќе биде Бугарија да го актуелизира прашањето за нивно вметнување во Уставот. Според Охридскиот договор тоа би значело и сразмено претставување на наводната бугарска заедница, во државните органи и институции, што од друга страна пак, би значело дека еден ден тие би имале партии, министри, директори, се она што сега го имаат Албанците, Ромите, Србите. Затоа Бугарите сега толку многу го актуелизираат наводната дискриминација на Бугарите во Македонија. Можеби впишувањето  на Бугарите во Уставот е помалото зло од она, доколку Македонија не успее да ги отпочне преговорите, а со тоа и останувањето надвор од  ЕУ на милост и немилост на трети сили“, велат нашите соговорници.

Неодамна бугарскиот претседател Румен Радев потврди дека дури откако почнал да зборува за Копенхашките критериуми и кршењето на човековите права на Бугарите, бил разбран од европските лидери.

„Кога вие што живеете таму и велите дека ви се прекршени правата, тогаш ова е веќе предизвик за ЕУ, која мора да ги заштити граѓаните на ЕУ“, рече Радев посочувајќи дека фокусот на ветото се ​​Бугарите во Северна Македонија и заштитата на нивните права.

Веста дека забрзано се крчка започнувањето на преговорите со Македонија и Албанија, ја објави албанскиот интернет портал Албаниан Пост.  Медиумот ја информираа јавноста дека претседателот на Франција, Емануел Макрон, им испратил писма на сите француски амбасадори во земјите од Европаката Унија, во кои бара од нив интензивно да работат за отворање на преговори со Албанија и Македонија. Според пораталот, Макрон поставил два датума. Првиот датум за решавање на проблемот меѓу Бугарија и Македонија е 14 декември, односно дотогаш двете балкански земји треба да постигнат договор за бугарското вето за Македонија, што е пречка за отворање на преговори и за Албанија. Вториот датум поставен од Макрон, е 31 декември. До крајот на годината според порталот, претседателот на Франција побарал отворање на преговорите со Албанија и Македонија. Симболиката на 14 декември се надоврзува со состанокот на шефовите на земјите од ЕУ. Ако договорот се постигне до овој датум, тогаш Унијата ќе може да го утврди почетокот на преговори за Тирана и Скопје.
Албаниан Пост во својата анализа уште додава дека ова е еден од поконкретните чекори што се презема од една членка на ЕУ за отворање на преговорите. Главната причина за ова туркање од официјален Париз е фактот што Франција го презема претседавањето со Унијата од 1 јануари 2022 година. Париз не сака да преземе стар нерешен проблем, наведува порталот.

Во насока на отоворањето на преговорите се толкува и посетата на земјава од страна на холандскиот премиер Марк Руте. Тој рече дека прашањето меѓу Бугарија и Северна Македонија е билатерално и не треба да ги запира пристапните преговори и дека ова не е само негово мислење туку на сите други земји членки на ЕУ.
На новинарско прашање дали е можен пробив на декемврискиот самит на ЕУ, Руте изјави дека е „претпазлив оптимист“.

„Ако граѓаните на Северна Македонија мислат дека прашањето со Бугарија го оставаме да виси, дека не сме заинтересирани и дека Бугарија може да прави што сака, тоа не е точно. Колективно имаме многу разговори со владата во Бугарија и се надеваме дека по изборите в недела ќе се придвижиме напред“, рече Руте.

Холандскиот премиер на македонските граѓани им порача да не губат верба во ЕУ, зашто Холандија и другите земји членки сакаат преговорите да почнат и Северна Македонија, еден ден, да стане членка на Унијата.

Б.Т.

Слични содржини