Ќе се активира планот за следење на предмети и преставки од граѓаните кон општините

од Берта Китинска
304 прегледи

Планот за борба против корупција, предвидува активирање на систем за следење на предмети и преставки од граѓаните за ненавремено постапување на нивните барања и пријавување на корупција, рече денеска претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, на одржа работен состанок со претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов и со извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Першиќ.

Вицепремиерот Николовски и претседателот на ЗЕЛС Шилегов, посочија дека борбата против корупцијата и криминалот е заедничка, и затоа од исклучителна важност е во процесот да се вклучат сите чинители и да придонесат со навремено исполнување на задолженијата од Планот.

Дел од предвидените мерки и активности општините треба директно да ги исполнат, а останатите се законски измени коишто ќе ја опфатат и локалната самоуправа.

Во однос на мерките со кои ќе се подигне нивото на транспарентност и отчетност на локалната самоуправа, вицепремиерот Николовски и претседателот на ЗЕЛС Шилегов, разговараа за имплементирација на задолжението од страна на Владата, со кое сите министерства и органи, но и сите општини и општини во Градот Скопје, имаа рок од 30 дена да ги објават на своите веб страни сите  информации, односно 22 документи,  како услов за да ги добијат средствата кои им следуваат од централниот буџет. При тоа, врз основа на досегашната евалуација спроведена од владината Работна група, се констатираше дека дел од општините веќе имаат постапено, но има и општини со ниско ниво на исполнителност по однос на препораката.

На состанокот се разговараше за мерката којашто предвидува назначување на овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување согласно Законот за заштита на укажувачи. Вицепремиерот Николовски потенцираше дека на овој начин ќе се подигне свеста кај граѓаните да пријавуваат  случаи на коруптивно делување, со оглед на тоа дека локалната самоуправа е место на коешто граѓаните секојдневно се обраќаат за услуги што ги засегаат нивните животи, бизниси и друго.

Претседателот на ЗЕЛС Шилегов посочи дека од исклучителна важност во спречувањето на корупцијата и подобрувањето на услугите што општините и Градот Скопје ги даваат на граѓаните, е унапредување на процесот на дигитализација на документите што се издаваат за граѓаните, особено на документите за плаќање даноци.

Со цел враќање на довербата во институциите, Николовски посочи дека Планот предвидува мерка преку која ќе се имплементираат препораките за  подготовка на план за соодветна измена на прописите од областа на административните службеници и вработените во јавниот сектор.

Шилегов потенцираше дека со соодветни законските измени  потребно е да се предвидат одредби за санкции за ненавремено постапување по предмети од граѓаните доставени до општините и Градот Скопје

Во таа насока вицепремиерот информираше дека Планот за борба против корупција, предвидува активирање на систем за следење на предмети и преставки од граѓаните за ненавремено постапување на нивните барања и пријавување на корупција.

Во делот на мерката поврзана со јавните набавки, беше посочено дека Општините треба да донесат интерни процедури за спроведувањето на постапките за јавни набавки и реализација на договорите и јавно да ги објават на своите веб страници, што ќе резултира со квалитетни, транспарентни процедури на јавни набавки и договори.

Со оглед на тоа дека во општинските јавни претпријатија има Управни одбори, вицепремиерот Николовски го информираше претседателот на ЗЕЛС, дека со Планот за борба против корупцијата е предвидено намалување на бројот на членовите на управните одбори, условите за именување на членови во управни и надзорни одбори и нивна одговорност, висината на надоместокот да биде во согласност со одржаните седници.

Од страна на вицепремиерот Николовски беше посочено дека ќе им се препорача на општините да подготват годишна Антикорупциска програма, што крајно ќе резултира со воспоставување на ефикасен систем на мерки кои ќе овозможат превенција и борба со корупцијата.

Слични содржини