„Ќе се иницира надзор“, од ГАК тврдат, починатата пациентка била лекувана по протокол

од Берта Китинска
464 прегледи

Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека ќе биде спроведен надзор преку Државниот здравствен и санитарен инспекторат за случајот со пациентката која, според објавите на социјалните мрежи, починала на Клиниката за гинекологија и акушерство.

– Ќе иницираме соодветен надзор преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а доколку е потребно, и стручен надзор, изјави Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција.

Од ГАК преку соопштение велат дека пациентката е лекувана по сите протоколи.

-Во врска со веста за смртта на пациентката Н.К. родена 1987 година од Скопје, ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје преку пишано соопштение ја информира јавноста за овој случај и воедно укажува дека Комисијата за контрола на квалитет при клиниката по разгледување на документацијата од приемот до исписот  заклучила дека пациентката е лекувана и третирана по сите протоколи, под висок стручен надзор. Од Клиниката за гинекологија и акушерство во соопштение до јавноста појаснуваат дека не се работи за родилка, туку за пациентка која е оперативно третирана. Пациентката, според соопштението од ГАК, починала утрово на КАРИЛ.

– Не станува збор за родилка, туку за пациентка со гинеколошки проблеми поради кои беше оперативно третирана на нашата клиника. Пациентката е примена на ГАК на 21.4.2021 година со голем тумор на матката и е извршена операција на 22.4., со уреден оперативен тек. Во првите шест дена пациентката е стабилна и е на исхрана преку уста. Шестиот постоперативен ден, поради нагло влошување на состојбата (силна болка), пациентката повторно е подложена на оперативен зафат во присуство на абдоминален хирург заради утврдување на причините за влошување на состојбата. Интраоперативно е најдена спонтана руптура на тенко црево (најверојатно како резултат на претходните болести), наведуваат од ГАК.

Во договор со абдоминален хирург, потоа се посочува, пациентката е префрлена на Клиниката за дигестивна хирургија.

– На 11-от ден, постоперативно, на Дигестивна хирургија, настанува повторна компликација со цревата најверојатно поради претходните болести и пациентката е повторно оперирана. Постооперативно пациентката е во стабилна состојба и хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија. Утрото на 9.5.2021 година, под сомнение за белодробна тромбоемболија, пациентката итно е префрлена на КАРИЛ, каде починала по многу кратко време. Напоменуваме дека пациентката беше со коморбидитети и претходни оперативни зафати (пред пет години е отстранета слезинка и лимфни јазли), стои во соопштението.

Слични содржини