Советот на јавни обвинители распиша оглас за нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Рокот за пријавување е 15 денови. Согласно Законот за јавно обвинителство, за позицијата може да аплицира секој кандидат којшто има непрекинат работен стаж од најмалку шест години како јавен обвинител до моментот на пријавување на огласот, но и кандидати коишто се оценети со позитивни оцени во текот на последните три години.
Откако ќе заврши рокот за пријавување кандидати, Советот на јавни обвинители ќе треба да формира Комисија за спроведување на гласањето. По денот на гласање, Советот има рок од седум дена за да го именува кандидатот кој освоил најмногу гласови за нов шеф на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Јовески донесе одлука да ја суспендира Вилма Рускоска пред неполн месец, а откако до него претставка поднесе ексдиректорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, поради претресот во Управата, за кој Републичкото обвинителство потоа соопшти дека имало низа пропусти.
Рускоска поднесе и жалба за нејзината суспензија во Советот на јавни обвинители, која пак беше веднаш одбиена. За трите обвинителки, Муареми најави и кривична пријава за делото „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување на службената исправа“.
Распишувањето на огласот е во пресрет на истекот на мандатот на досегашната шефица Вилма Русковска, кој завршува во ноември годинава.