Собранието на денешната седница по скратена постапка го усвои Законот за утврдување на правен статус на дивоградбите, со 72 гласа „за“, 3 „воздржан“ и 5 „против“. Законот го поддржаа и пратениците од власта и од опозицијата.
Овој Закон предвидува легализација на дивоградби изградени до денот на стапување во сила на овој закон, односно до осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“. Тој ќе важи до правосилно завршување на постапките кои се започнати согласно законот.
Законот вклучува гаражи, остави, па дури и базени, изградени без дозвола за градба. Дозволено ќе биде легализирање на дивоградби во заштитени подрачја, како национални паркови, природни резервати, споменици на природата, подрачје на заштитено недвижно културно наследство, како и во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на вода за пиење, по добиена согласност од надлежниот орган.
Од него се исклучени дивоградбите во границите на Охридскиот регион каде има природното и културното наследство.