Ќе се реши ли проблемот со поминувањето на бул. „Србија“ со натпатник?

од desk2

Нов натпатник наскоро треба да биде изграден над булеварот „Србија“ во скопската општина Аеродром, во близина на детската улица „Тоше Проески“, а треба да придонесе за безбедно преминување на булеварот „Србија“. Овој булевар е една од најфреквентните сообраќајници во Скопје и е од витално значење бидејќи е главно сообраќајно поврзување за три општини – Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба, пишува „Независен“.

На местото на кое се предвидува изградба на нов натпатник, во моментот постои обележан пешачки премин што се покажа кобен. Во последната сообраќајна незгода, во септември минатата година, автомобил удри во баба и внука кои го поминувале булеварот на пешачкиот премин, при што бабата почина, а девојчето беше тешко повредено. По сообраќајната незгода се постави инсталација за семафори на преминот, но семафори не се поставија, а Град Скопје сега распиша тендер за изградба на натпатник. Секојдневно од таму поминуваат пешаци кои од Ново Лисиче одат кон Аеродром, каде што деца посетуваат градинка или, пак, жителите одат до трговските центри и пазарот.

Мајка, која двете деца ги носи со детска количка во градинка од другата страна на булеварот, вели дека имаат голема мака. Автомобилите возат пребргу, затоа што едните семафори се на крстосницата со булеварот „Јане Сандански“, а другите пред мостот „Близнак“, па тој еден километар го поминуваат со поголема брзина од дозволената.

– Чекам секој ден додека да поминат автомобилите од едната страна, потоа на половина булевар ги чекам другите од другата страна, а кога ќе стигнам на тротоарот, кој го реконструираа сега бргу, едвај се симнувам од него, затоа што нема патека која ме носи натаму – вели таа.

Се жалат и неколку жители на Ново Лисиче кои поради хендикеп користат количка, па не можат безбедно да го поминат булеварот, затоа што тротоарите не се спуштени и не можат лесно да се качат на нив.

– Целта на овој проект е да се обезбеди безбедно премостување на граѓаните од едната до другата страна на булеварот, бидејќи тој е своевидна „црна точка“ и е место каде што се имаат случено поголем број сообраќајни незгоди. Град Скопје распиша јавна набавка за изработка на проектна документација на пешачки натпатник, каде што понудувачите треба да изработат проект за инфраструктура со варијанти на идејни решенија за изградба на натпатник над булевар „Србија“, кај улицата „Тоше Проески“ – велат од Град Скопје.

– Тој треба да биде изготвен согласно со стандардите предвидени во актуелната законска регулатива. Јавниот повик трае до 19 април, а со него е предвидена максимална сума од 1,6 милиони денари – велат од Град Скопје.

Сообраќајниот инженер Никола Крстаноски од Техничкиот факултет во Битола смета дека луѓето натпатниците ги сметаат за височинка која треба да ја искачат, па најчесто ја заобиколуваат, изложувајќи се себеси на опасност.

– Во принцип, во сообраќајното инженерство на патишта каде што се вози бргу, без разлика на ограничувањето на брзината на движење, преминувањето на булеварот или улицата се решава со градење на натпатник или потпатник. Во западните земји направиле истражувања кои покажале дека луѓето не сакаат да користат скали, без разлика дали се качуваат или се симнуваат, па затоа тие решенија ги прават со ескалатори. Но кај нас тоа не е практика – вели Крстаноски./Независен

Слични содржини