Ќе стане ли ТВ презентерка конзул во Њујорк?

од Берта Китинска
467 прегледи

„На отворената владина седница немаше точка со ова кадровско решение“, ваков одговор вчера даде портпаролот на Владата, Душко Арсовски, на прашањата во врска со тоа дали има одлука за ТВ-презентерката Бесмира Ејупи и дали при испраќањето наши претставници во ДКП се внимава дали тие ги исполнуваат квалификациите за позициите на кои се назначуваат.

Портпарол на Алтернатива Орхан Муртезани на Фејсбук напиша дека неговата партија не е поврзана со кадрите за кои во медиумите беше објавено дека се предложени за дипломатски места во САД.

„Aлтернатива досега нема ниту разговарано за своја застапеност во дипломатијата, ниту пак ја презеде таа одговорност. Секоја вест или објава по социјалните мрежи со кои што за назначување на дипломати се поврзува Алтернатива е само клевета и нема никаква поврзаност со нашата партија“, вели Муртезани.

Освен Ејупи, Владата неодамна донела одлука за испраќање на Петри Муслиу за генерален конзул во Чикаго. Инаку, Петри е син на аналитичарот Алберт Муслиу.

И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ испратија рекација во која прашуваат дали ТВ-презентерката Ејупи се квалификувала за конзул во затоа што прочитала неколку вести од рубриката „Свет“.

Од опозициската партија реагираат и на именувањето конзул за Чикаго.

„СДСМ и ДУИ ја срамат Македонија на секој чекор. Именувањето на конзули во Њујорк и Чикаго е уште една потврда за тоа. Кога јавноста помисли дека од патлиџан дипломатија не може подолу, власта демантира, па на клучни позиции испраќа ТВ-водителка и син на еден аналитичар, без никакво дипломатско искуство. Именувањето на Бесмира Ејупи за конзул во Њујорк и Петри Муслиу, синот на аналитичарот Алберт Муслиу, за конзул во Чикаго е скандалозно. Според кои критериуми овие лица добиле толку важни дипломатски позиции во САД?“,реагираат од ВМРО-ДПМНЕ .

Слични содржини